Во сабота, 21ви март„ со почеток во 12:00 часот (на пладне), во галеријата на домот на културата „Григор Прчичев“ во Охрид, ќе биде отворена изложбата: „ДИВИТЕ БИЛКИ ОД МОЈОТ КРАЈ“.
Се работи за оригинална, патувачка поставка на цртежи, хербариуми и фотографии изработени од волонтери (деца од основни училишта, планинари и рекреативци, собирачи на диви билки и ентузијасти), сите обединети во проектот: „Поврзување на луѓето со природата – зајакнување и вмрежување на граѓанските здруженија во Македонија“. Овој проект е развиен од страна на Македонското еколошко друштво во соработка со Плантлајф од Велика Британија, и се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија. Целта е да се зајакнат капацитетите на локалните организации кои соработуваат со волонтери за заштита на природата, особено во областа на зачувување на растителниот свет и преземање акции кои би придонеле кон имплементација на ЕУ регулативите за зачувување на мрежата Натура 2000.
Посетителите ќе имаат можност да видат претстава за дивите билки што најмногу ги познаваме и најчесто ги користиме, но и неколку овековечени кралици на царството што брои илјадници диви растенија што векуваат во пазувите на значајните растителни подрачја на Илинска-Плакенска Планина, Баба Сач-Лубен и на Шар Планина.
Домаќин на изложбата што ќе биде отворена во Охрид, во знак на добредојде на пролетта, е еколошкото друштво „Грашница“ кое е еден од пионерите на еколошкото движење во Македонија.