МЕД организираше настан на кој се сретнаа волонтерите и соработници од 2-ри до 4-ти октомври во Преспа по повод Европскиот ден за набљудување птици заедно со уште 41 земја од Европа и Централна Азија.

Македонските набљудувачи на птици се придружија на над 24.000 луѓе кои го прославија почетокот на есенската миграција и придонесоа кон неверојатниот број од над 4 милиони набљудувани птици. Овој настан е можност да се сподели пораката за потребата од безбедни прелетни патишта за птиците преселници – преку обезбедување на безбедни гнездечки услови, безбедни места за одмор за време на миграцијата и поволни услови за презимување кај нас.

Тимот на волонтери, соработници и претставници на МЕД уживаа во истражувањето на блатото во Стење и падините на Националниот парк Галичица, но од особено значење беше спроведувањето на пробен попис на водни птици на Преспанското Eзеро. Овој попис претставуваше и обука за спроведување на меѓународниот зимски попис на водни птици во кој волонтерите ќе можат да учествуваат оваа година заедно со МЕД.


„Едвај чекам да учествуваме во редовниот мониторинг на езерата, знам дека птиците преселници се соочуваат со многу закани и би сакал да придонесам тие да се намалат во Македонија“ изјави Славе Накев, волонтер на МЕД од Радовиш.

Последната студија за илегалното убивање на птици изработена од BirdLife International покажа дека секоја година 25 милиони птици се убиваат околу Средоземното море за време на пролетната и есенската миграција. Покрај ова, птиците преселници се соочуваат и со голем број на закани за време на нивната преселба – уништување на клучните места за гнездење, природните местаза одмор за време на миграција, локациите за презимување, судирање со ветерници и електрокуција од небезбедни далекуводи.

Клер Томсон, раководител на програма од BirdLife International, учествуваше на настанот во Преспа и изјави „Птиците преселници кои го надлетуваат Средоземното Море се соочуваат со еден од најголемите предизвици – самата преселба. Заканите кои потекнуваат од луѓето ја отежнуваат нивната преселба уште повеќе затоа се потребни итни активности за нивно отстранување. Прекрасно е да се видат толку многу македонски волонтери и соработници кои ги сакаат птиците и сакаат да придонесат заедно со МЕД да се обезбедат безбедни прелетни патишта во Македонија“.

МЕД истовремено организираше и дводневна работилница. Првиот ден беше фокусиран на Стратегијата за работење со локални конзервациски групи, која беше изработена како дел од проектот Развивање на капацитети за зачувување на преселните патишта на Медитеранот, кој е кооридниран од BirdLife Internationa,l а поддржан од фондацијата МАВА.

„Оваа стратегија претставува патоказ за понатамошната соработка на МЕД со локалните организации и волонтери кои се од непроценливо значење за нашето делување на национално ниво. Кога нивните интереси и способности се надополнуваат со нашата визија и експертиза, резултатот е успех кој ги надминува сите очекувања, изјави Робертина Брајаноска, извршен директор на МЕД.

Вториот ден од работилницата беше посветен на обука на помладите волонтери на МЕД за начинот на кој нивните идеи и цели можат да се остварат преку планирање на проекти и заедничко делување.

„Денеска ми е појасен начинот на кој можам да ги остварам моите цели, се надевам дека со другите волонтери ќе направиме тим кој со менторство од МЕД ќе може да спроведе заеднички проект“, изјави Андреј Гонев, волонтер на МЕД од Скопје.

Start typing and press Enter to search