Во наредните недели милиони птици преселници ќе ја напуштат Европа до нивните места за презимување во Африка. Годинава партнерски организации на BirdLife International од 37 земји од Европа и Централна Азија ќе организираат едукативни и теренски настани со цел набљудување на птиците и нивната преселба, како дел од прославата на Европските денови на набљудување на птиците 2011 (Eurobirdwatch 2011)
Што е Eurobirdwatch?
Насекаде низ Европа, во првиот викенд на октомври, години наназад, се одбележуваат денови на набљудување на птиците, организирани од Birdlife International. Ова е дел од World Birdwatch, глобална иницијатива, започната пред 12 години, чија цел е вклучување на што е можно повеќе луѓе во набљудување птици, на барем еден викенд во годината и собирање на што поголем број податоци од набљудувањата.
Одбележувањето на Eurobirdwatch 2011 во Македонија ќе се одвива на 1-ви и 2-ри октомври, со два теренски и неколку едукативни настани на два локалитета:
- Саботата е резервирана за посета на клисурата на р. Бабуна (поаѓање во 9 часот од вливот на р. Бабуна во р. Вардар, близу кланицата Агриа – 5 км јужно од стариот пат за Градско)
- Недела наутро преселбата на птиците ќе се следи од ридот Куфиљук кај Гевгелија (од 9 часот наутро), од каде има добра прегледност на Вардарската долина во Гевгелиската котлина
Покрај следење на преселбата на птиците, целта на настанот е запознавање на луѓето со методите на набљудување на птиците и ширење на оваа пракса.
За детални информации како да ни се придружите на оваа прослава, информирајте се директно во канцеларијата на МЕД.