„Приодот во еколошката едукација треба да почива на изградба на еколошки вредности и навики кај децата, од најмала возраст, кои понатаму во процесот на доживотно учење би се продлабочиле. Формирањето индивидуи со изградени еколошки ставови и култура, води кон унапредување на животната средина преку нивните соодветни одлуки и постапки“, беше потенцирано од претставникот на Македонско еколошко друштво на Меѓународниот форум за еколошка едукација, кој се одржа во Тбилиси – Грузија, во ноември 2013 година.
Во рамки на овој собир на којшто учествуваа претставници од невладини организации од источноевропските земји (Турција, Бугарија, Летонија, Естонија, Словенија, Унгарија, Македонија и други) беше претставено и искуството во поглед на еколошката едукација на Македонско еколошко друштво.
Целта на Меѓународниот форум, одржан во ноември 2013, беше развој и унапредување на еколошката едукација преку размена на практични искуства помеѓу земјите. Исто така, форумот ја одбележа Првата светска меѓувладина конференција за еколошка едукација организирана од страна на УНЕСКО и УНЕП, а одржана во 1977 година во Тбилиси, Грузија, од кадешто произлезе Тбилиси Декларацијата, која предвидува рамка, принципи и насоки за еколошка едукација за сите возрасни групи во и надвор од формалниот образовен систем на национално и меѓународно ниво. Уште повеќе, Тбилиси Декларацијата е првата интернационална декларација која направи пресвртиница во еколошката едукација како еден значаен обид да се поврзат глобалните еколошки проблеми со социјалните, културните, економските и политичките аспекти на човековото постоење. Оттогаш, еколошката едукација е нераскинлив дел од севкупниот едукативен систем, со интердисциплинарен карактер, а подоцна и како едукација за одржлив развој.
Форумот беше организиран од NOLI.GE, грузиска невладина организација/институт специјализиран за еколошка едукација со поддршка од УНЕСКО.