30-тина студенти од Македонија и од Албанија од 24-30 август 2014 година во Фуш Студен, Албанија учествуваа на летен студентски камп организиран во рамки на ИПА прекуграничниот проект „Подобрување на прекуграничната соработка и развој на планинскиот масив Јабланица-Шебеник, преку активна вклученост на локалното население“.
Студентите имаа можност во текот на седумдневниот камп да се запознаат со природните вредности на Националниот Парк Јабланица-Шебеник, како и да научат нешто повеќе за загрозените видови на Балканот (цицачи, габи, растенија и инсекти).
– Се што доживеавме во Фуш Студен за мене беше незаборавно, посебно уживав во прошетките низ планината или подобро речено низ патеките коишто ги користат и дивите животни како мечката, рисот, дивата свиња…) што за мене беше прекрасно искуство, вели Алтина Исмаили, дипломиран еколог од Струга.
Според Борис Најдовски, постдипломец на Шумарскиот Факултет во Скопје ваквите обуки се многу важни за младите студенти коишто студираат природни науки.
Во националниот парк Јабланица-Шебеник имавме можност да се запознаеме со богатиот биодиверзитет и важноста на мерките за конзервација. Сметам дека ваквите активности се посебно важни за развивање на еколошката свест и вмрежување на младите од разни професии за заштита на природата. Сите ние ќе го пренесеме позитивното искуство што го имавме на Шебеник во круговите во коишто учиме и работиме, вели Најдовски, еден од учесниците на кампот од Скопје.
Кампот беше одлична можност за подигнување на свеста кај младите од Македонија и Албанија за важноста на природните ресурси и нивното правилно искористување. Дел од студентите имаа можност да поделат промо материјали и да направат интервјуа со локалното население од општината Стеблево во НП Јабланица-Шебеник.
– За мене разговорот со старецот од село Ланга, којшто го прашувавме за тоа како се живее во селото и дали имал штети од дивите животни беше многу интересен. Не очекував дека ќе ми раскаже толку интересни доживувања и дека редовно гледаат мечка која се гоштева со пченката од нивните ниви, објасни Клаудија Кочи, постдипломец по едукација во природа од Тирана.
Кампот беше организиран во рамки на прекуграничниот ИПА проект за планинскиот масив Јабланица-Шебеник којшто Македонско еколошко друштво го спроведува во соработка со Организацијата за заштита и зачувување на природата во Албанија ППНЕА и германската фондација Еуронатур.
Проектот „Подобрување на прекуграничната заштита и развој на планинскиот масив Јабланица-Шебеник преку активна вклученост на локалното население“ е финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија на Европската Унија