2 февруари 2015 не е само Светски ден на водните живеалишта, туку и петгодишнина од денот кога беше потпишан Меѓународниот договор за заштита и одржлив развој на паркот Преспа од страна на трите земји што го делат Преспанскиот басен и на Европската комисија. Договорот сè уште е неактивен, затоа што не е ратификуван од страна на грчката влада. Неодамна Македонија и Албанија, повторно без Грција, воспоставија „Прекуграничен биосферен резерват“ во областа под покровителство на УНЕСКО, во кој Грција беше поканета да се приклучи.
Седум еколошки организации – MEД, Еуронатур, ФЗС, Плантлајф, КОРА, ППНЕА и СПП – ја повикуваат новата грчка влада да го ратификува Меѓународниот договор за паркот Преспа. По децениските напори вложени за Преспа, сите овие организации доаѓаат до истиот заклучок: единствениот избор за заштита, правилно управување и одржлив развој на ова чувствително и вредно подрачје е трите држави да воспостават трајни механизми на дејствување, координација и заеднички активности. Одделни национални активности, секако позитивни, не можат да дадат максимални резултати и придобивки за луѓето и природата.
Со оглед на недостигот од трилатерална соработка во Преспа предводена од државите во Преспанскиот басен, заштитата на подрачјето сè уште се потпира на иницијативи преземени од локалните и меѓународните дејствувачи со жителите на Преспа. Во овој контекст, 7 еколошки организации, нагласувајќи ја паролата на годинашниов Светски ден на водни живеалишта, „Водни површини за нашата иднина”, ќе се сретнат на 3 и 4 февруари, во грчкиот дел на Преспа, да дискутираат за заедничките цели и приоритетни активности за заштита на природните и културните вредности на Преспа. Но во сржта на овие дискусии е дека за областите како Преспа мора да се бара една поинаква развојна перспектива, особено во време на економска несигурност. Таквата перспектива мора да обезбеди заштита на природните вредности и биолошката разновидност за идните генерации, во исто време дозволувајќи го развојот на современите производствени активности со додадена вредност во примарниот сектор.
„Секретаријатот на Mediterranean Wetlands Initiative (MedWet) ја повикува новата грчка влада, како што тоа го направи со претходната, без понатамошно одложување да го ратификува Меѓународниот договор за заштита и одржлив развој на паркот Преспа”, рече Делмар Бласко, координатор на МедВет од неговата канцеларија во Арл, Франција. Тој додаде дека „ова ќе претставува значаен чекор кон обезбедување заштита и соодветно ефективно управување на ова значајно подрачје, не само како придобивка за природата, туку и за локалното население. Има одлични можности одржливиот развој на подрачјето парк Преспа да биде одличен пример за учеството и ангажираноста на локалното население во маркетинг и рационално користење на локалните ресурси во Јужна Европа.“
За повеќе информации:
Gabriel Schwaderer, EuroNatur (e-mail: info@euronatur.org; t: 0049-7732-9272-20)
Светлана Пејовиќ, МЕД (e-mail: arsovska@mes.org.mk; t: 00389-224-02773)
Dimitra Paschalidou, SPP (e: d.paschalidou@spp.gr; t: 0030-6972590438)
Klaudjia Koci, PPNEA (e: k.koci@ppnea.org)
Забелешка од уредникот:
1) 2 февруари отсекогаш бил важен ден за Преспанско Езеро: паркот Преспа беше формиран во 2000 година, со заедничка Декларација на премиерите на трите држави. Меѓународниот договор за заштита и одржлив развој на паркот Преспа беше потпишан на 2 февруари 2010 година од страна на трите земји што го делат уникатниот екосистем на Преспанско Езеро и комесарот на ЕУ за животна средина. Ова всушност е еден од најзначајните договори за сеопфатна заштита на сливот на басенот и подрачјето Рамсар во Југоисточна Европа, заради зачувување на природната средина и одржлив развој на регионот преку траен механизам за прекугранична соработка.
2) ПреспаНет е мрежата на еколошки невладини организации, основана во февруари 2013 година и се состои од: МЕД (Македонско еколошко друштво) со седиште во Скопје; СПП (Здружение за заштита на Преспа) со седиште во Герман, Преспа, и ППНЕА (Заштита и зачувување на природната средина на Албанија) со седиште во Тирана.
3) МедВет ја сочинуваат 26 земји од Медитеранот од пред повеќе од 20 години, а има цел зачувување на водните живеалишта и рационално искористување на нивните ресурси за луѓето и природата.