Викендот на 4 и 5 октомври низ цела Европа беше одбележан како ден за набљудување птици и 40 земји од Европа и Централа Азија организираа настани на кој се набљудуваше фасцинантната миграција на 2,5 милиони птици кон јужните места на кои ќе презимат.  Од Португалија до Казахстан и од Малта до Норвешка над 23.000 луѓе учествуваа на 895 настани на кои се славеше природата.

Во Македонија беа организирани два настана. Првиот беше теренско истражување на Катлановско блато кое е важна прелетна точка за преселните птици и на него учествуваа сите заинтересирани птичари. За време на теренското истражување беше забележана активна миграција на повеќе од илјада селски ластовички. Вториот настан беше организиран од волонтерите на МЕД  и се одржа во Зоолошката градина во Скопје. Овој настан имаше забавни и едукативни активности за сите возрасти, од боенки и оригами работилници, преку игри и награди, набљудување на птици со двоглед и телескоп, до можноста да се разговара со орнитолози и да се научи повеќе за најзагрозените птици во Македонија.

Ваквите настани се прилика за организациите кои се посветени на зачувување на животната средина да ги охрабрат граѓаните од сите возрасти да се приклучат, да истражуваат и да уживаат во птиците. Птиците преселници се соочуваат со многу предизвици за нивниот опстанок, добри услови за размножување на север, безбедни водени површни за одмор на пат кон југ и поволни услови за презимување кај нас.  Затоа нашиот фокус е кон зачувување на водните површини во Македонија и намалување на вознемирувањата на птиците преселници.

Start typing and press Enter to search