Author: admin

  • Придружете ни се во прославата на светските денови на птиците преселници

    Придружете ни се во прославата на светските денови на птиците преселници

    Прославата на светските денови за миграторните видови птици започна во 2006 година, како годишна кампања за подигање на свеста и нагласување на потребата од заштита на миграторните видови птици и нивните живеалишта, организиран од Програмата за животна средина на Обединетите Нации. По тој повод, секој втор викенд од месец мај, луѓето низ светот организираат јавни настани како фестивали, едукативни програми и екскурзии за набљудување птици.

    По втор пат годинава Македонското еколошко друштво се приклучува кон оваа прослава со организирање едукативно-креативна работилница на тема “Луѓето и птиците имаат заеднички дом – да го зачуваме!”. Акцент на овогодишната прослава е ставен на пренамена на земјиштето за потребите на човекот и како птиците се справуваат со тие промени. Затоа главните активности на оваа прослава имаат едукативна цел – обезбедување подетални информации за тоа како нашите активности имаат влијание врз животот на птиците и  природата воопшто. Исто така, дел од прославата е и креативната работилница за најмладите каде преку решавање квизови, ликовен натпревар и запознавање со принципите на набљудување на птиците, ќе научат како можеме да придонесеме кон зачувување на заедничкиот дом на луѓето и птиците.

    Бидете дел од славењето на природниот феномен на преселба на птиците и придружете ни се на 14 и 15 мај 2011 од 11 – 15 часот, во едукативниот центар на Зоолошката градина во Скопје.

    За повеќе детали околу прославата прочитајте тука: http://www.worldmigratorybirdday.org/2011/