Македонското еколошко друштво продолжува со своите активности долж планината Јабланица. Од септември годинава започна со реализација проектот „Подобрување на прекуграничната заштита и развој на планинскиот масив Јабланица-Шебеник преку активна вклученост на локалното население“ со времетраење од 18 месеци.
Целта на овој проект е да се придонесе кон промоција на позитивните практики за одржливо користење на природните ресурси во пет општини долж планинскиот масив Јабланица-Шебеник, како и да се подигне свеста на локалното население за одржливото користење на природните ресурси преку употреба на методи кои не и штетат на природата.
Бидејќи станува збор за едукативен проект кој предвидува обука на локалното население преку работилници, прекугранични екскурзии и други форми на едукација се очекува крајниот резултат да биде поуспешно менаџирање на животната средина во прекугранично заштитено подрачје Јабланица –Шебеник.
Во активностите покрај локалните власти, образовните институции и невладините организации ќе бидат вклучени и ловните друштва, фармерите и локалното население.
Проектот е финансиран од програмата за прекугранична соработка ИПА 2007-2013 за Македонија и Албанија од Европската Унија и во него се вклучени општините Струга и Вевчани од Македонија и Либражд, Стеблеве и Рајче од Албанија.
МЕД го спроведува овој проект заедно со невладината организација ППНЕА од Албанија како и фондацијата Еуронатур од Германија.
[table]


