Category: Промовирање на значајните растителни подрачја во Македонија

  • Завршна работилница на партнерите од проектот „Поврзување на луѓето и природата-вмрежување на значајните растителни подрачја (IPAnet)“

    Завршна работилница на партнерите од проектот „Поврзување на луѓето и природата-вмрежување на значајните растителни подрачја (IPAnet)“

    Претставници од сите пет земји кои беа вклучени во IPAnet проектот се состанаа во Бугарија во периодот од 29.10 до 02.11. 2012 година. Средбата беше организирана со цел презентирање на резултатите од реализираните активности во изминатите осум месеци. Проектот беше оценет како успешно спроведен што беше причина за изработка на нацрт план за негово потенцијално продолжување.

    Македонското еколошко друштво во склоп на овој проект реализираше вкупно 9 настани за промовирање на три значајни растителни подрачја во Македонија. Со овие настани беа опфатени околу 200 луѓе кои имаа можност да слушнат повеќе информации во врска со растителниот диверзитет на Македонија.

    Моментално во тек се и завршните активности околу печатењето на промотивните материјали. Овој проект официјално завршува на 15ти декември, 2012 година.

     

  • Волонтерите од Битола запознаа дел од растенијата на Пелистер

    Волонтерите од Битола запознаа дел од растенијата на Пелистер

    Дваесетина волонтери од Битола на 23 мај учествуваа на настанот Колку ги познавам растенијата на Пелистер“ организиран од МЕД и Младинскиот културен центар од Битола. Целта на настанот беше преку интерактивни игри и кратко предавање за флористичкото богатство на националниот парк „Пелистер“, младите да се запознаат со дел од растенијата кои се значајни за планината Баба.

    Оваа активност заврши со прошетка по шумската патека од Голема Ливада до планинарскиот дом Копанки, каде учесниците имаа прилика да ги видат растенијата со кои се запознаа за време на предавањата и интерактивните игри.

  • МЕД заедно со ПК „Љуботен“ на традиционално кампување на Лешница

    МЕД заедно со ПК „Љуботен“ на традиционално кампување на Лешница

    Планинарите од планинарското друштво Љуботен од Тетово и по трет пат волонтираа во рамките на проектот за промовирање на значајните растителни подрачја во Македонија. Околу дваесетина волонтери на 3 и 4 август 2012 година, учествуваа во акцијата за маркирање и чистење на една од патеките која во иднина ќе биде промовирана како една од неколкуте флористички патеки на Шара.

    Настанот заврши на 5 август со пречекување на останатите планинари и вљубеници во природа на местото на кампување. Тие имаа прилика да се прошетаат по ново маркираната и очистена патека и да ужуваат во убавините што ги нуди Лешница.

  • Планинарите во потрага по цвеќиња!

    Планинарите во потрага по цвеќиња!

    На 29ти април 2013 година се одржа првиот од вкупно три настани на Шар Планина во склоп на проектот „Поврзување на луѓето и природата-вмрежување на значајните растителни подрачја“. Настанот беше организиран во соработка со ПК „Љуботен“ од Тетово, а авантурата на групата планинари започна од с. Беловиште и заврши на Беловишки Водопад. Мотото на овој настан беше „Пронајди го цвеќето“. Имено, пред групата планинари да започне со искачување кон водопадот, им беа поделени фотографии во боја од десетина чести шумски растенија, за кои постоеше огромна шанса дека ќе ги сретнат на патеката до Беловишки Водопад. И, се разбира, за оние кои ќе успееја да ги пронајдат овие растенија, следуваше награда. Интересот беше изненадувачки голем! Многу од планинарите за првпат, освен пејсажни фотографии, правеа и прекрасни фотографии од бараните растенија. Акцијата беше успешно спроведена. На крај, беа поделени награди за најактивните десет трагачи по шарпланинските цвеќиња.

    Генералната цел во врска со изборот на Шар Планина како Значајно растително подрачје (ЗРП) за потребите на овој проект е следна: да ги стимулираме планинарите да фотографираат растенија за време на нивните регуларни годишни планинарски тури, за да овие фотографии во иднина се најдат на нивната web страна. На тој начин, тие се директно инволвирани во промовирање на сите големи, мали и шарени убавини на Шара.

  • Учество на десетдневна обука во Англија и Холандија за привлекување и координирање со волонтери во склоп на проектот „Поврзување на луѓето и природата-вмрежување на значајните растителни подрачја – IPAnet“

    Учество на десетдневна обука во Англија и Холандија за привлекување и координирање со волонтери во склоп на проектот „Поврзување на луѓето и природата-вмрежување на значајните растителни подрачја – IPAnet“

    Пред почетокот на реализиција на планираните настани во трите избрани значајни растителни подрачја, во периодот од 17 до 27 април, четворица претставници од Македонија учествуваа на десетдневна обука во Англија и Холандија. Организацијата Plantlife International од Англија и Floron од Холандија беа домаќини и организатори на оваа обука. Главната цел на обуката беше воведување на учесниците од Македонија, Бугарија и Романија кон техниките за управување со волонтерските групи кои ќе учествуваат на претстојните настани со цел промовирање на избраните значајни растителни подрачја (Јудови Ливади-Пехчево, Пелистер и Шар Планина). Пред сè, оваа обука опфати повеќе аспекти во поглед на ангажирање на волонтерите: како да се формираат групи од волонтери, инспирирање на волонтерите, раководење со волонтерските групи, смислување различни активности за волонтерите, feedback од волонтерите и сл. Овие теми беа покриени како теоретски, така и практично, преку директна посета на некои од значајните растителни подрачја во Англија каде на лице место се запознавме како волонтерите учествуваат  во управувањето и мониторингот на подрачјето.

    Обуката исто така овозможи и многу битна можност за координаторите и волонтерите вклучени во овој проект да споделуваат меѓусебни идеи и да дискутираат за сите аспекти на овој проект: организирањето на самите настани; каква група на луѓе ќе опфатат; какви видови материјали ќе се продуцираат (на регионално и национално ниво), вклучувајќи го тука и специјалниот прирачник за волонтери наменет за овој проект; како проектните активности ќе бидат промовирани на различни начини итн.