Category: Осоговските Планини во Балканскиот зелен појас

  • Новинари од Македонија и Бугарија се запознаа со убавините на Осогово

    Десетина новинари од Македонија и Бугарија ги запознаваа убавините на Осогово од македонската и бугарската страна на планината во рамки на турата организирана во склоп на проектот „Прекуграничен Биосфeрен резерват Осогово“, од Македонското еколошко друштво (МЕД) и партнерите од Бугарската фондација за биоразноозбразие (ББФ).
    Првиот ден од турата новинарите го поминаа на Пониква, присуствувајќи на настанот „Осогово и лично и различно“, на кој имаа можност да разговараат со локално население од регионот, кое се занимава со традиционални дејности. Вториот ден од турата, започна со посетата на ловниот резерват Полаки. Оттука имаа можност да фрлат поглед на Раткова Скала и да слушнат повеќе за вредностите на локалитетот а потоа го посетија Споменикот на природа – Дабот Бели и селото Бели, каде разговараа со месното население. Во селото Нивичани исто така разговараа со локалците за нивниот живот и активностите кои ги обавуваат, а во селото Пантелеј, го посетија манастирот посветен на св. Пантелејмон. Потоа, на кратко го разгледаа селото Рајчани, кое беше посочено од експертите како потенцијал за развој на селски туризам и од таму, минувајќи низ Злетово, стасаа до Лесново, каде ги чекаше пригоден осоговски ручек. Покрај ресторанот кој е пример за успешен рурален туризам и музејот на Лесново, новинарите имаа можност да снимаат клесање на воденички камења и да разговараат со единствениот останат клесач на камења во Лесново. Третиот ден започна во Осоговскиот манастир, потоа со кратка посета на Крива Паланка, каде разговараа со лицениран планинарски водич кој го посветил животот на промоција на Осогово, а останатиот дел од денот го поминаа во бугарската страна на Осогово: најпрво во Општина Ќустандил, а потоа во селото Гранитца, каде го посетија манастирот св. Лука и вековната букова шумичка во близина, која е под строга заштита.
    Се надеваме дека ваквата промоција на Осогово, преку медиумските репортажи кои ги очекуваме, ќе ја подигне свеста на населението за вредноста на овие планини и потребата од нивна навремена заштита.

  • Успешен почеток на една нова традиција за промоција на Осогово

    „Осогово и лично и различно“ беше слоганот на првиот настан за промоција на Осогово кој се одржа на 6 октомври на Пониква. Во склоп на настанот беа организирани велосипедска и планинарска тура Кочани – Пониква – Кочани. Околу 150 посетители на настанот имаа можност да пробаат традиционална храна, да се запознаат со занаетите и да уживаат во традиционалната музика.

    Според организаторите, овој настан е почеток на една нова традиција, каде луѓето со различни интереси ќе може да се дружат и поддржат во идејата која ги спојува – промоцијата на Осогово.

    Идејата за ваков настан започна на една работилница за невладини организации, во рамките на проектот „Прекуграничен Биосферен резерат Осогово“, со цел различните организации од регионот да ја засилат меѓусебната соработка.

    Настанот беше организиран од страна на Спортски клуб – Електрика, Планинарско спортско друштво Осогово, Слоуфуд Осогово, Велосипедски клуб – Зелени патеки, Здружение на пчеларите – Пчела, Здружение на земјоделци – Машински круг во координација на Македонско еколошко друштво (МЕД).

  • Магазинот Лице в лице за проектните активности на МЕД во Осогово

    На Осогово му треба шанса за поголема заштита бидејќи со години наназад природата во овој крај е под голем притисок од страна на човекот. Постои илегална сеча, криволов, незаконски риболов, а нема и соодветна контрола во однос на користењето и продажбата на печурките, лековитите растенија и другите шумски плодови. Доколку овие ресури не се користат плански во иднина ќе бидат сведени на минимум, токму затоа потребно е нивно правилно управување, вели координаторката на проекот „Формирање на прекуграничен Биосферен резерват Осогово, меѓу Македонија и Бугарија“ од Македонско еколошко друштво, Деспина Китанова за магазинот Лице в лице. Повеќе прочитајте на следниот линк..

    Шанса за Осогово

  • Зголемен интерес на организациите од Осоговскиот регион за заеднички активности, во идниот Биосферен резерват!

     

    На 19.06.2013 година, во Хотел Гратче – Кочани, во рамките на проектот „Прекуграничен Биосферен резерват Осогово“, се одржа работилница за развивање на активности за идниот Биосферен резерват (БР), на која учествуваа 20 учесници од 11 организации од Кочани, Пробиштип и Македонска Каменица. Целта на работилницата беше невладините организации и здуженија од регионот да бидат навремено запознаени со основните функции на биосферните резервати, за да можат понатаму да се вклучат во креирањето на БР, користејќи ги можностите кои ги нуди, па делувајќи во таа насока и да придонесат за развојот на регионот.

    Присутните покажаа посебен интерес за заедничко развивање на идеја/проект, што ќе доведе до зајакнување на веќепостоечката соработка меѓу различните организации, што е од исклучително значење за целиот регион. Во анкетата, која беше спроведена на крајот од работилницата, сите присутни ја поздравија иницијативата за Биосферен резерват на Осогово, позитивно ја оценија работилницата и искажаа потреба за слични вакви работилници.

  • Започнаа истражувања со методот на камера-замки на Осоговските Планини!

    Годинава, активностите во рамките на проектот „Осоговските Планини во Балканскиот зелен појас“, се насочени главно кон аплицирањето за номинација на Осогово како Биосферен Резерват. Покрај овие, во април започнаа активности за мониторингот на целни видови (крупни цицачи) со методот на поставување фото-замки. Во периодот 19-20 април, беше одржана работилница во Крива Паланка, водена од експерт за мониторинг на крупни цицачи (Програма за закрепнување на балканскиот рис), на која претставници од ловните друштва и шумските стопанства од регионот беа запознаени со начинот на следење на крупни цицачи со поставување на фото-замки, како и редовна контрола на истите. Во текот на овие два дена, тимот од МЕД, заедно со присутните на работилницата, постави 8 фото-замки во пограничниот дел на Македонија и Бугарија и во регионот на Кратово.

    Во моментов се одвива поставувањето на уште 5 камери на различни локации на планината Осогово.

    Планирано е е оваа мониторинг сесија да трае до крајот на мај и ќе биде повторена во есенскиот период.

  • Новости во проектот Осогово!

    На 23ти ноември, во Скопје беше одржан состанок на членовите на Координативното тело  во рамките на проектот Осоговските Планини во Балканскиот зелен појас, на кој беше презентирана предлог студијата за прогласување на заштитено подрачје на Осогово. На состанокот беа присутни преставници од Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ, Министерството за економија на РМ,  ЈП „Македонски шуми“, два  концесионера, гости од Фармахем, градоначалникот на Општината Кратово, претставник од Општина Кочани и секако, членови на МЕД. Сите присутни позитивно ја прифатија предлог студијата и се сложија истата да биде доставена до Министерството за животна средина и просторно планирање, до средината на декември.

    Минатиот викенд се одржа експертски состанок во Ќустендил – Бугарија, на кој експертските тимови на МЕД и Бугарската фондација за биоразнообразие – ББФ, ја дефинираа прелиминарната листа на целни видови на Осоговските Планини, кои понатаму ќе бидат користени за дефинирање на мерките за заштита во идниот план за управување или ќе послужат како мониторинг видови.

    [

  • Популаризација на проектот „Осоговските Планини во Балканскиот зелен појас“ на локално ниво

    Македонското еколошко друштво учествуваше на настанот (црковен собир) во Св. „Пантелејмон“,  с. Пантелеј – Кочани.

    Во атарот на манастирот беше поставен панел за Осогово, каде заинтересираните посетителите имаа можност преку непосредни разговори со претставниците од МЕД да добијат повеќе информации за вредностите на Осогово и иницијативата за воспоставување на заштитено подрачје на Осогово.

    Поделени беа и промотивни материјали изработени преку проектот. Настанот беше масовно посетен од локалното население и од  клучни локални авторитети меѓу кои и градоначалникот на општината. Црковниот одбор и брегалничката епархија ја препознаа активноста како клучна за презентирање на традиционалните и културните вредности на Осогово и ја поддржаа вклученоста на општината во насока на промоција на регионот под капата на заштитено подрачје.

  • Осоговскиот регион презентиран на саем на регионите од југоисточна Европа (ЕКСПО 2012)

    Претставници од Македонското еколошко друштво учествуваа на ЕКСПО 2012 – Радовиш, саем на регионите од југоисточна Европа, кој се оддржа во Радовиш,  од  7-9 јули 2012 година. За време на панел форумот за „Култура, соработка и туризам во југоисточна Европа “ како дел од саемот, од страна на МЕД беа презентирани природните и културните вредности на осоговскиот регион како основа за развој на туризмот во рамки на иницијативата за воспоставување на заштитено подрачје на Осоговските Планини.

    Од присутните беше пројавен интерес за начинот на поврзувањето на природните со културните вредности за промоција и конкретниот модел кој е користен при дефинирање на потенцијалите за воспоставување на заштитено подрачје на Осогово.

  • Одржан состанок на Координативното тело за управување со процесот на прогласување на заштитено подрачје на Осогово

    На 18.05.2012 година, во Скопје, се оддржа состанок на Координативното тело за управување со процесот на прогласување на заштитено подрачје на Осогово. Целта на состанокот беше да се дефинира единствен модел на управувачко тело на предлог заштитеното подрачје на Осогово и детално да се рагледаат  ставовите по однос на  изработената студија за финансиска импликација за  Управувачкото тело.

  • Состанок за потенцијалите и можностите за воспоставување на заштитено подрачје во осоговскиот регион

    На 9ти февруари 2012 год. во хотелот „Карпош“ во Скопје со почеток од 10 часот, се одржа состанок на тема: Осогово и потенцијалите и можностите за воспоставување на заштитено подрачје во осоговскиот регион.

    Заради навремено  усогласување на ставовите и насоките за успешно спроведување на процесот за воспоставување на заштитено подрачје во регионот, на состанокот преку отворена дискусија, транспарентно се разговараа насоките и ставовите помеѓу чинителите на локално и државно ниво. На состанокот покрај членовите на Координативното Тело за управување со процесот за воспоставување на заштитено подрачје на Осоговсвите Планини (КТ), присуствуваа и високи и претставници од засегнатите Министерства и Владата на Република Македонија.  Активното учество на состанокот од клучните страни на национално ниво беше од исклучително значење за идниот развој на осоговскиот регион и зајакнување на соработката во полето на заштитата на природата, како и во дефинирање на следните чекори во процесот на прогласување заштитено подрачје во регионот.

    Разгледана беше можноста за воспоставување на Заштитен предел – Категоријата V на Осоговските Планини и можноста за назначување на овој регион како биосферен резерват.  Бидејќи се заклучи дека Осогово ги исполнува основните критериуми за модерен биосферен резерват, оваа можност отвори една нова врата за сите нас. Воспоставувањето на биосферен резерват во источниот дел од Република Македонија е ново искуство за нас, за регионот и државата во целина. Сите присутни се согласија, дека досегашните резултати од проектот се доволно добра основа за успешно спроведување на оваа иницијатива. Локалните власти од регионот се подготвени да ги разгледаат сите предности и слабости и да се соочат со предизвиците во однос на успешно воспоставување на биосферен резерват на Осоговските Планини. Сите клучни институции се спремни да го олеснат патот кон успешно спроведување на овој  процес на државно ниво.

    Националната Комисисја за УНЕСКО е стратешки партнер во спроведувањето на овој процес и тие ја изразија својата подготвеност да го поддржат овој потфат. Ова не охрабрува да продолжиме и понатаму да го водиме овој процес  кон неговото успешно спроведување.