Category: Искористување на природните ресурси во Западен Балкан. Распределба и состојба на недостатоците и придобивките

  • Одржан состанок по повод овогодинешните теренски истражувања за проектот за разумно користење на природните ресурси во Западен Балкан

    Mакедонското еколошко друштво организираше планирачки состанок по повод овогодинешните теренски истражувања во рамки на проектот за разумно користење на природните ресурси во Западен Балкан од 07 до 11 мај во Скопје.

    Целта на состанокот беше јасно дефинирање на методите и техниките за теренските истражувања кои треба да се направат летово во сите четири земји каде што се спроведува проектот „Улогата на природните ресурси во одржливото рурално живеење во Западен Балкан. Распределба и состојба на недостатоците и придобивките“.

    Во Македонија во следниот период се очекува да се спроведат 20 до 50 анкети за начинот на собирање и употребата на лековитите растенија, шумските плодови и печурките во неколку села во Западна Македонија, како и 10-ина квалитативни интервјуа со целно локално население. Анкетите и интервјуата ќе се спроведуваат на македонски и албански јазик.

    Слична задача ќе имаат и колегите од невладината организација за заштита на животната средина во Албанија PPNEA, кои ќе спроведуваат анкети и интервјуа во неколку општини во северниот дел на Албанија.

    Претставниците од Американскиот Универзитет од Косово AUK, годинешното истражување ќе го насочат кон теми поврзани со креирање на политики и услуги кои ги добиваат планинските села од страна на три косовски општини. Целта е да се истражи задоволството и довербата на населението кон локалната самоуправа како и можните конфликти кои постојат меѓу институциите и локалното население од планинските села.

    Активностите во Хрватска во рамки на овој проект ќе продолжат со истражувања насочени кон ловот и екотуризмот, анкетите и интервјуата ќе ги спроведуваат претставници од Факултетот за Ветеринарна медицина од Загреб.

  • МЕД – домаќин на три теренски обуки за партнерски организации од Албанија, Косово и Хрватска

    Претставници од невладината организација за заштита на животната средина во Албанија PPNEA, од Американскиот Универзитет од Косово AUK, како и од Факултетот за Ветеринарна медицина од Загреб изминативе два месеци беа дел од обуките наменети за правилно спроведување анкети со локално население коишто МЕД ги организираше во Македонија.

    Обуките се дел од активностите на проектот „Улогата на природните ресурси во одржливото рурално живеење во Западен Балкан. Распределба и состојба на недостатоците и придобивките“ којшто Македонското еколошко друштво заедно со Норвешкиот Институт за истражување на природа (NINA), како и со горенаведените партнерски организации започна да го спроведува оваа година.

    Тимовите од Албанија и Косово учествуваа во теренските истражувања во селата Калиште, Ломница и Шипковица, кадешто директно спроведуваа анкети со локално население, додека тимот од Хрватска беше дел од теренските истражувања во селото Велебрдо во Националниот Парк Маврово. Посетителите од овие земји, веднаш по теренските обуки отпочнаа со спроведување на анкети и во своите држави.

    До крајот на октомври се очекува да заврши првата фаза на теренските истражувања предвидени за оваа година. До тогаш ќе бидат собрани вкупно 1.000 анкети во дел од планинските села во Западен Балкан, од кои 300 анкети само во Македонија. Анкетите во земјава се спроведуваат во 10 села во Мавровскиот и Шарпланинскиот регион.

    Анкетите треба да покажат колку всушност локалното населението се занимава со лов, риболов, собирање на лековити растенија, чаеви, печурки, како и собирање и сечење на дрва за огрев. Анализата на податоците пак треба да покаже дали  населението има некаква економска корист од користењето на природните ресурси како и дали тие се користат на одржлив начин.

  • Заврши квалитативното теренско истражување на проектот за одржливо искористување на природните ресурси во Западен Балкан

    Заврши квалитативното теренско истражување на проектот за одржливо искористување на природните ресурси во Западен Балкан

    Тимот на МЕД спроведе 12 интервјуа (in depth interviews) со одбрани испитаници од селата во мавровскиот и шарпланинскиот регион во рамки на втората фаза на тригодишниот проект „Улогата на природните ресурси во одржливото рурално живеење во Западен Балкан. Распределба и состојба на недостатоците и придобивките”. Спроведени се шест интервјуа во мавровскиот регион и шест интервјуа во селата под Шара. Од нив осум интервјуа се на македонски јазик, а четири на албански јазик.

    Целта на ваквиот начин на истражување е да се добијат што подетални информации во врска со начинот на искористување на растенијата, печурките и шумските плодови и нивното значење како дополнителен приход во домаќинствата.

    Исто така се очекува истражувањето да даде одговор за дел од проблемите и конфликтите коишто настануваат поради недоволно или прекумерно искористување на природните ресурси. Дел од интервјуата се важни и за добивање на појасна слика во однос на комуникацијата меѓу собирачите, откупувачите и компаниите за обработка и извоз на печурки и други шумски плодови.

    Според тимот на проектот квалитативните интервјуа значително ќе го збогатат собраниот материјал односно податоците добиени од квантитативното истражување спроведено во 2011-та година во рамки на коешто беа направени 309 анкети во гореспоменатите региони. Финалните анализи од истражувањата од двете фази ќе бидат претставени во форма на научни трудови. Ова истражување се спроврдува во соработка со Норвешкиот институт за истражување на природа (NINA) и три партнерски организации од регионот.