Month: January 2015

  • Одржливо искористување на трската од Моноспитовско Блато

    Во склоп на обуката за лидери во заштитата на животната средина НатуРегио_Балкан која се спроведува од страна на германската академија за еколошка едукација NNA, се реализира индивидуален проект со наслов „Обновување на влажните живеалишта во Моноспитовско Блато преку одржливо користење на обновливите ресурси (трската, Phragmites australis) како био-гориво“.

    Главната цел на проектот е да го поттикне локалното население да се врати на старата пракса и повторно да ја користи трската од Моноспитовско Блато за потреби во домаќинството и за огрев преку подготвување на брикети од растителен материјал (трска). Одржливото користење на трската од една страна обезбедува корист за локалното население преку користење и продажба на продукти од трска и рогоз, извор на топлинска енергија (согорување), а од друга страна е корисно и за самото Блато каде се обезбедува чист простор за одредени растителни и животински видови, се прочистуваат водата и почвата во блатото, се штедат околните шуми и т.н.

    Проектот предвидува конструкција на пет едноставни рачни преси од дрво кои може едноставно да се реплицираат. По една преса ќе биде доделена на секоја месна заедница на селата: Моноспитово, Банско, Габрово, Колешино и Бориево. Детали за изработка на пресите и начинот на приготвување на брикети од трска и останат растителен материјал можат да се најдат тука.

    Во рамки на проектот беше подготвено кратко едукативно видео за одржливото користење на трската кое може да го погледнете.

  • Резултати од повикот за поднесување на предлог проекти за локален одржлив развој на подрачјето на Илинска и Плакенска Планина

    На објавениот повик за поднесување проектни концепти/проекти за доделување мали грантови на подрачјето на Илинска и Плакенска Планина заклучно со 30.12.2014 година, пристигнаа вкупно 8 предлог-проекти кои беа доставени за оценка до членовите на комисијата. Сите доставени предлог-проекти беа оценувани согласно следниве критериуми: квалитет на предлог-проектот, остварливост на проектот, одржливост и влијание на проектот, поврзаност со целите на МЕД во регионот и оценка на финансискиот план.

    Комисијата за оценка на доставенитепредлог-проекти составена од претставници од МЕД, на 28.01.2015 година се состана и донесe одлука за финансирање на 6 предлог-проекти доставени при распишаниот Повик за поднесување на предлог проекти, и тоа:

    –        Поздравете ги птиците од Илинска и Плакенска Планина – Арт Поинт-Гумно

    –        Пормоција и заштита на уникатната природна реткост–извор во с.ПополжаниЗдружение за развој на село Брждани “Брждани 2010”

    –        Дабова состоина Мренога – Уникатна природна реткост и нераскинлив дел од Плакенска Планина – Здружение за развој, заштита и унапредување на општеството ”ПОЛЕНКА”

    –        Заштита и промоција на Блатниот Даб во с.Слоештица – ОУ ” Гоце Делчев” Демир Хисар

    –        Илинска планина на дланка – Планинарско друштво Бигла 2013

    –        Мапирање и обележување на туристичко– излетничките ремек дела на изворите на Црна Река и Железнец – Општина Демир Хисар

    Македонското еколошко друштво на сите добитници на финансиски средства им честита за успехот и за добро изработениот предлог-проект, со желба за негово успешно спроведување!

    За сите останати, МЕД ги охрабрува да ги поднесат своите предлог-проекти пред друга фондација за финансирање или во евентуален следен повик на МЕД во иднина (во моментот не постојат сигурни финансиски извори). МЕД искрено Ви ги нуди своите капацитети на располагање во доизработката и имплементацијата на проектот и останатите Ваши активности. Се надеваме дека и понатаму ќе сте дел од целокупниот процес за заштита на природата и подобрување на животните услови на луѓето на просторот на Илинска и Плакенска Планина.Until December 30th, 2014, MES has received 8 project proposals within the Call for project proposals for local sustainable development in the area of Ilinska and Plakenska Mts. All proposals were given to the jury members for selection according to the following criteria: quality of the proposal, feasibility of the project, sustainability and impact of proposal, connection with the MES focuses in the region and evaluation of the financial plan of the proposal.

    The jury consisted of MES representatives, met on 28.01.2014 and selected the following project proposals to be financially awarded according to the given criteria:

    –        Salute the birds from Ilinska and Plakenska Mts. – Art Point-Gumno

    –        Promotion and conservation of the unique natural rarity-the spring in v.Popolzhani – Association for development of v.Brzhdani- Brzhdani 2010

    –        Oak association Mrenoga – Unique natural rarity and inextricable part of Plakenska Mt. – NGO Polenka

    –        Conservation and promotion of grayish Oak tree near v.Sloeshtica – Primary school Goce Delchev Demir Hisar

    –        Ilinska Mountain on a hand – Mountaieneering club Bigla 2013

    –        Mapping and marking of the touristic-outing masterworks of Crna River springs and Zheleznec – Municipality of Demir Hisar

    Macedonian Ecological Society congratulates all organizations and wishes them a successful implementation of projects.

  • Белиот нуркач (Mergellus albellus) е птица на годинешниот цензус на водни птици!

    Белиот нуркач (Mergellus albellus) е птица на годинешниот цензус на водни птици!

    Белиот нуркач (Mergellus albellus) е избран за птица на зимскиот цензус на водни птици, организиран од тим на  на професионалци и волонтери на МЕД, којшто се одржа на 17 и 18 јануари. За време на цензусот беа избројани над 40 000 птици од 34 различни видови на 7 локалитети. Се броеше на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро, на акумулациите Мантово (кај Радовиш) и Младост (кај Велес), браната Паљурци и блатото Ѓол близу селото Богородица (гевгелиско).

    Белиот нуркач, Mergellus albellus како добитник на титулата птица на зимскиот цензус ќе биде официјалната маскота на следните активности поврзани со птици на МЕД во 2015 година.

    Покрај собирањето на научни податоци, целта на зимскиот цензус е да ја зајакне и прошири групата волонтери кои се заинтересирани за проучување и набљудување на птици. Годинава на зимскиот цензус учествуваа дванаесет волонтери кои се запознаа со зимските преселни видови птици.

    Броењето на птици се врши од претходно одредени локалитети (водни екосистеми кои птиците преселници ги користат за време на нивната преселба), со помош на двогледи и телескопи. На секој воден екосистем се одбираат локалитети кои овозможуваат што поголема покриеност на водната површина каде се врши набљудувањето.

    „Работењето на терен за време на зимскиот цензус е секогаш предизвик поради променливите и неповолни климатски услови – ладно време, снегови, мраз, или како оваа година, дожд. Сепак, ако видливоста над езерските води е добра, работата мора да продолжи бидејќи нашиот тим работи во координација со тимовите од Грција и Албанија и сите зависиме едни од други за да добиеме добри податоци. Наша голема предност беше тоа што имавме сериозни и посветени волонтери, па цензусот успешно се спроведе.“ – изјави Ксенија Путилин од МЕД.

    „ Стандардната методологија на зимскиот цензус подразбира придржување кон претходно дефинирани време, период од годината и локации на истражување и броење. Ова е од клучно значење со цел цензусот да има научна (статистичка) важност, т.е. преку евиденција на зимските птици преселници и нивната бројност долж нивните преселни патишта се дефинираат трендовите на нивните популации. Дефинирање тренд на популацијата на некој вид бара долгогодишно набљудување и собирање податоци. Сите флуктуации во трендовите на популациите на видовите се показатели за некакви промени (достапност на храна, промени во живеалиштата, загадување на животна средина итн.) рефлектирани преку бројноста на набљудуваните видови птици. Што поголема покриеност на водните екосистеми на територија на Македонија, толку порепрезентативни се нашите податоци. Оттука, улогата на волонтерите кои се вклучени во цензусот е навистина значајна.“ – изјави Данка Узунова, национален координатор на зимскиот цензус за Македонија.

    Зимскиот цензус на водни птици (IWC – International Waterfowl Census) е меѓународна активност координирана од Wetlands International и Конвенцијата за преселни видови(Convention of Migratory Species – CMS) иThe African-Eurasian Migratory Waterbird Agreement (AEWA) се спроведува од 1967 година на повеќе од 25.000 локации во повеќе од 100 држави. Во секоја држава националните координатори соработуваат со мрежа на професионални и аматерски бројачи. Повеќе од  15.000 луѓе годишно испраќаат податоци и затоа цензусот претставува пример за граѓански активизам во научни цели со најголем број учесници.

    Впечатоци на дел од волонтерите на зимскиот цензус:

    „Многу добро си поминав на цензусот, се изненадив колку видови на птици може да се видат во само два дена. Навистина би сакал да учествувам повторно и догодина.“ – Никола

    “За мене ова беше одлична можност да се запознаам со начинот на спроведување на еколошки мониторинг и да научам нови нешта.“ –  Андреј

    „Иако веќе четврти пат учествувам на овој цензус, секоја година е поинаква и посебна. Секогаш има многу интересни птици, а јас секоја година поуспешно ги препознавам.“ – Бисера.

    „Воодушевен сум од цензусот, навистина имаше што да се види. Среќен сум што имав можност да се запознаам и да се дружам со нови  луѓе.“- Горан

    PicMonkey Collage