Цели 10 години поминаа од почетокот на првите иницијативи за заштита на балканскиот рис. По повод овој јубилеј, учесниците во проектот Програма за закрепнување на балканскиот рис, организираа научен симпозиум во националниот парк Дајти, Албанија од 21 до 22 октомври 2015 година. На него учествуваа претставници од владиниот и невладиниот сектор од сите четири земји кои го имплементираат проектот, Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, како и стручните соработници од Германија, Швајцарија, Норвешка и Хрватска. Иако на повикот за овој собир се одѕваа претставници од заштитените подрачја, ловечките федерации, Бернска конвенција, IUCN и други организации, за жал повеќето поканети учесници од релевантните министерства не земаа учество.

Работниот дел од симпозиумот се состоеше од презентации од страна на четирите држави околу спроведувањето на активностите од проектот. Имајќи ги предвид овие резултати, во втората половина од симпозиумот се дискутираше за идните активности за заштита на балканскиот рис како и за начинот на кој сите засегнати страни можат да се поврзат во заеднички напори на заштита.

Продукт од овој симпозиум ќе биде научно – популарна статија во која ќе бидат обединети сите резултати и заклучоци од собирот.

За време на симпозиумот беше премиерно прикажан и документарниот филм посветен на десетгодишнината од Програмата за закрепнување на балканскиот рис. Овој филм е достапен на следниот линк.

Почнете да пишувате и стиснете Enter за да пребарате