Во Занен, Швајцарија на 23ти мај 2012 се одржа состанок на Групата за крупни месојади LCI (Large Carnivore initiative group, IUCN) како дел од Комисијата за опстанок на видовите (SSC, IUCN). На состанокот присуствуваше претставник од МЕД како и високи претставници од Европската комисија Г-дин Андрас Деметер и од Бернаската конвенција Г-дин Еладио Фернандез Галиано. На состанокот беше истакната проблематиката со изградбата на хидроцентралите и новото зонирање во НП Маврово и нивното влијание врз биолошката разновидност особено врз малата и фрагментирана популација на балканскиот рис и неговиот основен плен – срната и дивата коза. Присутните на состанокот експерти во областа на заштита и управување на крупни месојади и спроведување на легислативата произлезена од ЕУ покажаа загриженост за некооперативноста помеѓу невладиниот сектор и експертите од една страна и владините структури и организации во Македонија кое секако ќе резултира со нанесување на огромна штета врз биолошката разновидност во споменатите подрачја.

Како превенција за спречување на можни негативни влијанија, Бернската конвенција поддржана од Европската комисија направи неколку препораки до Владата на РМ:

  1. Да се направи (надгради) акционен план за Балканскиот рис врз основа на одобрената стратегија од Европската комисија изготвена во склоп на Програмата за закрепнување на балканскиот рис (BLRP);
  2. Да се направи проценка на влијанието врз балканскиот рис и неговиот плен со проектите “Луково Поле“ и “Бошков мост“ и да се размисли за нивно отфрлање;
  3. Да се направи проценка на влијанието од инфраструктурата (актуелни или нови)  врз крупните месојади и фрагментирањето на нивните станишта;
  4. Да се идентификуваат областите кои имаат погодни станишта за крупните месојади но не се населени од нив;
  5. Да се подобри социјалната прифатливост за крупните месојади во областите во кои има погодни станишта за нивно распространување а тие сепак отсуствуваат.

Р. Македонија е земја потписничка на Бернската конвенција (еден од најважните инструменти за заштита на природното богатство во Европа), воедно е и земја кандидат за влез во ЕУ и мора несомнено да ја хармонизира сопствената легислатива со онаа на ЕУ и правилно да ја спроведува.

Од септември годинава, членовите на МЕД кои работат на крупни месојади ќе можат да се зачленат во LCI и да ја претставуваат Р. Македонија и трите крупни месојади:  мечката, волкот и рисот. На состанокот беше презентирана програмата: Rewilding Europe чија главна цел е да помогне во враќањето (реинтродукција, реколонизирање) на дивите видови во нивните историски хабитати од кои некои останале зачувани до денес во оригинална форма а некои се ревитализирани (http://rewildingeurope.com/). МЕД гледа можности и ќе се залага за поврзување на иницијативата

Европскиот зелен појас со програмата Rewilding Europe

Start typing and press Enter to search