Eвропскиот зелен појас-некогашната железна завеса, синоним  за поделба и нееднаквост, денес претставува инструмент за зачувување на природното и културно наследство во Европа. Европскиот зелен појас е иницијатива која се протега на околу 12.500 км и минува низ 24 европски држави меѓу кои и Република Македонија.

Во рамките на оваа иницијатива се одржуваат редовни конференции на кои се собираат претставници од различни владини институции, невладини и експертски организации чии активности се тесно поврзани со Европскиот зелен појас. Оваа година домаќин на шестата конференцијата беше Македонија. Конференцијата се одржа од 27.06. до 30.06.2012 година во хотелот Макпетрол во НП Маврово на која присуствуваа околу 90 претставници од околу 20 држави од Европа. Македонското еколошко друштво учествуваше во организацијата на конференцијата заедно со Еuronatur и BUND од Германија, а истата беше финансиски поддржана од Германската федерална агенција за зачувување на природата. Конференцијата ја отвори министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми кој ја истакна целта на оваа иницијатива – унапредување на прекуграничната соработка, особено во делот на заштитата на природата и обезбедувањето одржлив развој на локалните заедници.

На конференцијата беа презентирани главните достигнувања на Европскиот зелен појас преку различни проекти имплементирани долж појасот, а потоа се дискутираше за идните насоки и приоритети во функционирањето (координирање и финансирање) на Европскиот зелен појас, како и подигање на кредибилитетот на иницијативата на меѓународно ниво (брендирање и лобирање). По официјалниот дел од конференцијата следуваше еднодневна екскурзија на планината Бистра.

Презентациите, заклучоците и останати информации околу Европскиот зелен појас и конференцијата одржана во НП Маврово може да ги најдете на веб страната http://www.europeangreenbelt.org/. Организирањето на овој настан е од голема важност за проширувањето на контактите на МЕД и зголемување на кредибилитетот на организацијата на меѓународно ниво.

Start typing and press Enter to search