Учесниците на правата тематска работилница „Традиционално користење на природните ресурси, одржливо наспроти неодржливо користење на ресурсите“ којашто на 1-ви Февруари во организација на МЕД се одржа во Струга порачаа дека е потребна поголема грижа за природните ресурси на Јабланица.

Целта на работилницата беше да се потсети на традиционалните практики и грижата кон ресурсите што постоела во минатото, но и истовремено да се истакнат проблемите и последиците коишто настануваат поради прекумерно или нестручно користење на ресурсите.

– Во излагањата видовме дека порано луѓето бидејќи зависеле од природата и ресурсите, имале многу успешен начин и строги правила за тоа како да се користи природата. Денеска живееме во едно поинакво време во кое има одговорни институци кои стопанисуваат со ресурсите, но и покрај сите законски регулативи, имаме случаи на илегален лов, прекумерна сеча, неправилно собирање билки и печурки и тоа води кон последици и исчезување на одреден вид, рече Пандурска-Драмиќанин.

На оваа работилница учествуваа претставници на локалната власт од Струга и Вевчани, од ловни друшта, од Јавното претпријатие „Македонски шуми“, еколози, планинарски друштва и невладини организации кои работат на полето на заштитата на природата.

Ова е прва работилница која што се организира во рамки на проектот „Подобрување на прекуграничната соработка и развој на планинскиот масив Јабланица-Шебеник преку активна вклученост на локалното население“  финансиран од ИПА програмата на Европската унија за соработка со Албанија кој се спроведува во соработка со албанска партнерска организација за заштита на животната средина и со фондацијата Еуронатур од Германија.

Планинскиот масив Јабланица-Шебеник изобилува со природни реткости, ретки геолошки форми и специфична флора и фауна. Овој масив во рамки на меѓународната иницијатива за Европски зелен појас беше идентификуван како потенцијално прекугранично заштитено подрачје. По тој повод подрачјето Јабланица-Шебеник пред шест години во Албанија е прогласено за Национален парк. Во Македонија, предлогот Јабланица да се прогласи  за национален парк се уште се разгледува.

Проектот „Подобрување на прекуграничната соработка и развој на планинскиот масив Јабланица-Шебеник преку активна вклученост на локалното население“  е кофинансиран од ИПА програмата на Европската унија за соработка со Албанија

Start typing and press Enter to search