Тимот на МЕД спроведе 12 интервјуа (in depth interviews) со одбрани испитаници од селата во мавровскиот и шарпланинскиот регион во рамки на втората фаза на тригодишниот проект „Улогата на природните ресурси во одржливото рурално живеење во Западен Балкан. Распределба и состојба на недостатоците и придобивките”. Спроведени се шест интервјуа во мавровскиот регион и шест интервјуа во селата под Шара. Од нив осум интервјуа се на македонски јазик, а четири на албански јазик.

Целта на ваквиот начин на истражување е да се добијат што подетални информации во врска со начинот на искористување на растенијата, печурките и шумските плодови и нивното значење како дополнителен приход во домаќинствата.

Исто така се очекува истражувањето да даде одговор за дел од проблемите и конфликтите коишто настануваат поради недоволно или прекумерно искористување на природните ресурси. Дел од интервјуата се важни и за добивање на појасна слика во однос на комуникацијата меѓу собирачите, откупувачите и компаниите за обработка и извоз на печурки и други шумски плодови.

Според тимот на проектот квалитативните интервјуа значително ќе го збогатат собраниот материјал односно податоците добиени од квантитативното истражување спроведено во 2011-та година во рамки на коешто беа направени 309 анкети во гореспоменатите региони. Финалните анализи од истражувањата од двете фази ќе бидат претставени во форма на научни трудови. Ова истражување се спроврдува во соработка со Норвешкиот институт за истражување на природа (NINA) и три партнерски организации од регионот.

Start typing and press Enter to search