Минатата седмица, 30 и 31 мај 2019 година, ја заокруживме серијата едукативни активности за дел од најмладите од основните училишта во Општина Маврово и Ростуше. Едукацијата ја спроведоа претставници од Македонското еколошко друштво (МЕД) и Националниот парк „Маврово“, а започна во март, преку низа предавања за балканскиот рис. Третиот, последен дел вклучи активности на терен, како дел од наставата во природа на учениците. Ова претставуваше несекојдневна можност основците од училиштата во селата Жировница, Ростуше, Требиште и Велебрдо да се запознаат со методологијата и начинот на спроведување истражувања за балканскиот рис. Во овие активности, со ученици од прво до петто одделение посетивме околна шума, следевме врвици, имитиравме диви животни за да ја покажеме употребата на фотозамки, а исто така применивме и радиотелеметрија за да трагаме по основците „рисови“.

Едукацијата за рисот е дел од Стратегијата за едукација во рамки на Програмата за закрепнување на балканскиот рис. Пакетот за едукација по основните училишта се спроведува уште од 2015 година и досега се вклучени преку 1.500 ученици од овој регион.

 

 

Почнете да пишувате и стиснете Enter за да пребарате