Првата работилницата за презентирање на концептот за идентификација на шумите со високи природни вредности и дискутирање на предлог-критериумите за нивна идентификација (одржана на 28 мај 2019 год.) и втората работилница за потврдување на критериумите (одржана на 11 јуни 2019 год.), на која и практично беше тестиран формуларот за теренски истражувања претставуваат добра подготовка за експертскиот тим за спроведување на истражувања за идентификација на овие значајни шуми на територијата на државата.

Тимот вклучува околу 60 експерти од областа на шуми/шумарство, кои заедно со експертите биолози/еколози ќе работат на идентификација на шуми со високи природни вредности во согласност со современите европски критериуми. Теренските истражувања се веќе започнати, а базата на податоци дизајнирана за овој проект очекуваме веќе да почне да се полни. Истата ќе помогне при изработка на ГИС карта на која ќе бидат означени подрачја со шуми со високи природни вредности.

Овие активности се одвиваат во рамките на проектната активност „Идентификација на шуми со високи природни вредности и изработка на најмалку две упатства за нивно управување“ која е дел од STAR 5 проектот „Постигнување на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето“, финансиран од Глобалниот фонд за животна средина, а се имплементира преку Програмата на ООН за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање како главен корисник и локалниот партнер Македонското еколошко друштво.

Start typing and press Enter to search