Загадувањето на воздухот е глобален проблем со кој се соочуваме и во Македонија и тоа особено во зимскиот период кога станува екстремно. Како да се бориме со овој проблем? За борбата да биде успешна неопходно е на почетокот да се дефинира проблемот преку детална анализа на составот на загадениот воздух, а потоа да се детектира потеклото на загадувачите за да може да се направи стратегија за нивно делумно или целосно отстранување.

Филтер за пасивна дифузија

Значаен удел во загадувачите на воздухот има една голема група на испарливи органски соединенија (анг. VOCs – volatile organic compounds) кои имаат особено негативно влијание врз живите организми. Овие супстанци имаат способност да реагираат со молекули од воздухот и да образуваат тропосферски озон, кој пак може да предизвика сериозни респираторни нарушувања. Што мислите какви ќе бидат последиците по населението од присуството на VOCs во воздухот во комбинација со КОВИД-19!?

Гасен хроматограф спрегнат со масен детектор

Целта на нашиот проект и ангажираноста на нашиот тим е токму во разоткривањето на присуството на VOCs во воздухот околу нас, што ќе помогне во изнаоѓањето на најефикасни методи за справување со предизвикот од нив. Нашиот придонес во првата етапа од истражувањето се состои во воспоставување на точни и веродостојни методи за анализа на VOCs во воздухот со примена на гасна хроматографија поврзана со масена спектрометрија (GC-MS), кои потоа ќе бидат употребени за следење на овие супстанци на различни локации и во различни периоди.

Start typing and press Enter to search