Македонско еколошко друштво и Пријателите на Шара ја поздравуваат одлуката на Владата донесена на 49-та Седница за прифатливост на иницијативата за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II – Национален парк, како што е истакнато, тргнувајќи од јасна политичка волја и определба да се стават под заштита природните убавини и реткости.

Како организации што повеќе од две декади работат и делуваат на Шар Планина сметаме дека ова е историски напредок на процесот којшто официјално на институционално ниво беше започнат во далечната 1997 година, кога беше изготвен предлог Закон за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк.

МЕД ја истражува биолошката разновидност на Шар Планина од 1998 година па до денес. Како организација сме биле вклучени во изготвување на повеќе клучни документи за природните вредности на Шар Планина како и за прекугранична заштита на ова значајно подрачје.

Во однос на процесот за прогласување на Шар Планина потсетуваме дека во 2010 година Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) повторно ја започна постапката за прогласување на Шар Планина за национален парк кога се одржаа институционални расправи и беа направени презентации во општините од Полошкиот плански регион.

Овој процес е во фокусот на многу меѓународни организации и донатори како УНЕП, ДБУ, ЕУРОНАТУР, ГИЗ, и други кои го увиделе значењето на Шар Планина на меѓународно ниво и потребата од нејзина заштитa.

Во рамки на оваа иницијатива беа одржани и трилатерални средби на министрите за животна средина и просторно планирање на Косово, Македонија и Албанија во 2012 година кои се заложија Шар Планина да биде дел од поголемо прекугранично заштитено подрачје.

Од друга страна Пријателите на Шара во 2015 година направија истражување коешто покажа дека 83% од локалното население во сите шест општини долж Шара сака планината да биде прогласена за заштитено подрачје. Во 2018 година се креираше визија со локалното население за развојот на регионот во следните 30 години. Во исто време, беше формирано и советодавно тело со различни засегнати страни од трите држави од прекуграничниот регион Шар Планина-Кораб-Коритник со крајна цел заштита на природните ресурси на трилатерално ниво.

Во последните години фокусот беше ставен на изработка на студија за природните вредности на Шар Планина и социоекономско истражување, со финансиска поддршка на ГЕФ и УНЕП а спроведен од Државниот универзитет во Тетово во соработка со Природно-математичкиот факултет во Скопје. Дел од членовите на МЕД и Пријателите на Шара учествуваа со својата експертиза во овие клучни документи.

Во следните месеци треба да се води транспарентен процес со вклучување на сите засегнати страни на јавните трибини како и отворен пристап за надминување на евентуални недоразбирања меѓу различните сектори.

Со прогласувањето на НП Шар Планина ќе се формира едно од најголемите прекугранични заштитени подрачја во Европа со што ќе се приближиме до остварување на државните стратешки определби за зачувување на нашето природно наследство. Тоа ќе придонесе за поефикасна заштита на биолошката разновидност и природата, а ќе се отворат можности за одржлив социо-економски развој на подрачјето и локалните заедници.

Пријателите на Шара и Македонско еколошко друштво остануваат посветени на целта Шар Планина да ја видат како национален парк, да помогнат во процесот на информирање на засегнатите страни и локалното население за значењето на идното заштитено подрачје, можностите за одржливо користење на природните ресурси и управувањето со идниот национален парк во насока на зачувување на биолошката разновидност на оваа извонредно значајна планина во Македонија и во регионот.###

 

*Платформата Пријатели на Шара е неформална група на невладини организации од Скопје и полошкиот регион формирана во 2015 година со мисија лобирање за Шар Планина да стане национален парк. Платформата е составена од Македонско еколошко друштво-Скопје, Планинарскиот клуб „Љуботен”- Тетово, Центарот за едукација и развој – ЦЕД од Теарце и Иницијативa за граѓански интеграции од Гостивар.

 

 

 

 

Почнете да пишувате и стиснете Enter за да пребарате