Потребни беа вкупно два и пол месеци за да се заловат двата нови мажјаци од балкански рис во Националниот парк „Маврово“. Сесијата за фаќање рисови за научни цели годинава започна на 23 јануари и траеше до 7 април.

НП „Маврово“ преку ловочуварската служба ги обезбеди потребните услови и логистика на терен. Поставивме девет кафез-замки, од кои шест беа во рамките на паркот, а три во непосредна близина. Вкупната активност на замките беше 559 ноќи, а беа активирани дваесетина пати.

Се фатија кучиња, куна, јазовец и лисица, а на двапати влезе и балканскиот рис. За жал, двапати и пропуштивме шанса за заловување женки, што во огромна мера ќе го подобреше знаењето за екологијата на ова загрозено животно.

Во текот на сесијата имавме огромна помош од нашата стажантка од Германија, Лиса Лешински, која за тоа време престојуваше во теренската куќа во Битуше. Голема помош и знаење добивме од експертот за крупни месојади, Миха Крофел, од Биотехнолошкиот факултет во Љубљана, како и од Дино Скаравели од универзитетот во Болоња, и Мартин Хофман од регионалната канцеларија на IUCN во Белград.

Следната сесија ќе биде јубилејна – 10 години работа со методот на радиотелеметрија во Македонија. Нашата земја претставува пионер во ваквите истражувања во регионот. Досега, ГПС-околувратник носеле седум балкански рисови, од кои шест мажјаци и само една женка. Да се надеваме дека 2020 година ќе ни донесе нови знаење за нашиот национален симбол!

Start typing and press Enter to search