Ние и повеќе од 100 граѓански организации од целиот свет бараме од Обединетите нации да се воведе нов член во Универзалната декларација на човекови права (https://unicode.org/udhr/d/udhr_mkd.html) – со цел да се осигури универзално право на здрава природна средина. Доколку успееме ова ќе биде првиот амандман кон Декларацијата од нејзиното воспоставување во 1948 година.

Кампањата #1Planet1Right ги повикува Обединетите нации да  гласаат правото на здрава природна средина да биде дискутирано во Советот за човекови права, во Генералното собрание на ОН, и како итна тема да се постави на Самитот на ОН за биолошка разновидност во средината на септември 2020, со цел ова право и конечно да се вклучи во Универзалната декларација на човекови права до 2023 година.

Доколку ја потпишете оваа петиција вие му овозможувате на МЕД да бара од нашите претставници во Обединетите нации да ја поддржат оваа иницијатива. Вашиот глас овозможува подобра основа за борба со климатските промени и загадувањето, подоследно применување на националните закони од областа на заштита на животната средина и посуштинско информирање и образование за оваа тема.

Кампањата #1Planet1Right (Една Планета – едно право) е посветена на воспоставувањето на ново универзално човеково право, правото на здрава природна средина. Кампањата ја води најголемото светско партнерство на организации за зачувување на природата, BirdLife International заедно со други граѓански организации како ClientEarth и Глобалниот пакт за животна средина. Д-р Дејвид Бојд, специјалниот известувач од ОН за човекови права и животна средина, исто така ја поддржа кампањата. Кампањата испрати и писмо до Антонио Гутереш, Генералниот секретар на Обединетите нации на Денот на планетата Земја и побара воведување на ова човеково право. Лансирањето на глобалната петиција е дополнителен притисок врз ОН да го разгледа барањето.

Според Светската здравствена организација, 23% од смртните случаи во светот се поврзани со загадување или уништување на нашата природна средина (1), а стотици милиони луѓе страдаат од болести поврзани со нездрава животна средина. Проблемот со пандемијата на ковид-19 е вкоренет во загубата на живеалишта и нелегалната трговија со диви животни. Ова ново човеково право може да овозможи глобално зелено заздравување, кое на светот му е потребно по пандемијата.

 

 

Д-р Методија Велевски, Заменик-директор на Македонско еколошко друштво: Како еколошка организација, нам ни е драго дека нашиот устав го гарантира правото на секој граѓанин на здрава животна средина. Од друга страна, сведоци сме дека тоа е гаранција која тешко се исполнува. Затоа ни е јасно дека ниту една држава, односно нејзините граѓани, не можат целосно да се изборат за ова право настапувајќи самостојно. Природата, животната средина – тие немаат граници, и сè додека нивната заштита не стане цел на сите граѓани на планетата, човештвото ќе се соочува со зголемен ризик од влошување на условите за живот. Во таква состојба, гарантирањето и исполнувањето на гаранциите за здрава животна средина, како основно човеково право, мора да ги надрасне државните граници. Затоа, и вас ве повикуваме да учествувате во оваа глобална кампања, да помогнете правото на здрава планета да биде универзално право.“

Д-р Дејвид Р. Бојд, специјален известувач од ОН за човекови права и животна средина:
„Правото на здрава планета, како универзално признаено човеково право, би било силна алатка во битката за спасување на нашиот живот на планетата. Осигуреното право на здрава природна средина е она што им овозможува на многу држави во светот да напредуваат. Затоа сега треба да го искористиме налетот на глобалните еколошки кризи за да ги убедиме Обединетите нации дека признавањето на ова право ќе биде од корист за сите нас. Човековото право на здрава планета, ако се признае од страна на сите нации, ќе биде едно од најважните човекови права во 21. век.“

Патриција Зурита, Извршен директор на BirdLife International:

„Здравјето на нашата планета е наше здравје, ако нашата планета е болна и ние сме болни. Нашата планета никогаш не била поболна од сега. Опстанокот на човештвото е веќе загрозено од климатските промени, кризата со загуба на биолошката разновидност и пандемија која нè бутка чекор поблизу до работ. За да направиме трансформација и да го спасиме нашето општество, почетната точка мора да биде еднаква појдовна точка за сите – право на здрава планета за сите.“

Start typing and press Enter to search