Македонско еколошко друштво (МЕД) ја презема иницијативата ја организирање на работилница на која по втор пат се сретнаа заинтересираните страни во областа на развој на обновливи енергии и нивното влијание врз биолошката разновидност, а најмногу врз птиците. Работилницата се одржа на 15 април во Скопје. Целта на оваа работилница беше размената на искуства од оваа област на сите заинтересирани страни и разгледување на можностите за одржување на понатамошна комуникација во прилог на успешни енергетски проекти и зачувување на биолошката разновидност.

Следејќи ја агендата на работилницата презентации одржаа Иван Трпески од Секторот за развој и инвестиции на ЕЛЕМ и Стојчо Стојчев од Бугарското друштво за заштита на птиците/BirdLife Бугарија. Г. Трпески го презентираше локалното искуство со процесот на изградба на првиот парк на ветерници во Македонија  (Развој на енергијата на ветер во Македонија –искуство на ЕЛЕМ, преку преглед на студија на случај (Богданци). Додека, Г. Стојчев презентираше искуства од изградбата на паркови на ветерници во Бугарија и нивното влијание врз птиците (Развој на енергијата на ветер во Бугарија и нивните влијанија кон зачувувањето на птиците).

– Оваа работилница беше особено драгоцена можност да дискутираме заеднички за корисноста и потенцијалните предизвици од развивањето на ветерната енергија во Македонија, без ваквите средби нашата соработка би била непотребно отежната. Се надевам дека ќе најдеме начин на кој ќе останеме во постојан контакт, изјави Ксенија Путилин еден од организаторите на работилницата.

Времето за дискусија беше искористено за дополнителни прашања и коментари кои ги засегале сите заинтересирани страни а претходно ја немале можноста одговорите да ги добијат директно од изворите. Благодарение на позитивната атмосфера дискусијата отвори и нови можности за соработка, како на пример, можноста за заеднички мониторинг на веќе изградениот парк на ветерници во Богданци.

Оваа работилница беше одржана во рамките на проектот Развој на капацитети за заштита на преселните патишта на птиците во Медитеранот која МЕД ја спроведува во соработка со BirdLife International и Фондацијата МАВА.

Почнете да пишувате и стиснете Enter за да пребарате