На 26 декември 2018 година во Националниот парк „Маврово“ промовиран беше Акцискиот план за зачувување на балканскиот рис, со кој се предвидени систематски активности за заштита на балканскиот рис на подрачјето на НП „Маврово“.  За активностите се обезбедени и средства преку Програмата за зачувување на балканскиот рис, која Македонското еколошко друштво (МЕД) ја спроведува веќе 12 години, при што тие ќе се спроведуваат во тесна соработка со националниот парк до крајот на 2020 година. Овој документ беше изработен и ревидиран во партнерство меѓу МЕД и НП „Маврово“ и други релевантни партнери од земјава и странствo во изминатите пет години.

-Главната цел на Акцискиот план е да се даде значителен придонес кон заштитата на популацијата на критично загрозениот балкански рис. Акцискиот план е оперативен документ во кој се наведени конкретни активности и мерки, како и нивни финансиски и временски рамки. Акцискиот план главно се однесува за јадровото подрачје на популацијата на рис, кое моментално се наоѓа на територијата на НП „Маврово“, а предвидени се активности во доменот на мониторинг на неговиот плен, едукација и подигнување на јавната свест, воспоставување на безбедни коридори за крупните цицачи, прекугранична соработка и слично, изјави Диме Меловски, Раководител на програмата за диви животни во МЕД.

Инаку, сегашната состојба со рисот во Македонија е загрижувачка. Со најновите процени, популацијата на рисот во целиот негов потенцијален регион на Jугозападен Балкан изнесува околу 40 возрасни единки. Оваа процена е добиена благодарение на директното пребројување на единки во јадровото подрачје – НП „Маврово“ и нивна понатамошна екстраполација низ преостанатите погодни станишта. Пребројувањето на единки се вршеше со помош на светски прифатениот метод на фотозамки во 2008, 2010, 2013, 2015 и 2018 година. Во националниот парк и неговата потесна околина се среќаваат помеѓу 10 и 18 рисови, со просечна густина од 1,7 риса на 100 km2.  Поради тоа што популацијата е помала од 50 возрасни единки, балканскиот рис е прогласен за критично загрозен (CR) според еден од критериумите на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) и како таков од 2015 година е ставен на Црвената листа на IUCN.

Start typing and press Enter to search