Во партнерство со Институтот за комуникациски студии (ИКС) објавуваме повик за доделување грантови за граѓански организации од регионите со заштитени подрачја (Охрид, Преспа, Демир Капија, Тиквеш, Струмица и Пелагонија) кои ќе понудат иницијативи за решавање локални проблеми за заштита на животната средина.

Овој повик е во рамките на проектот „Локална акција за подобри политики за заштита на животната средина“ кој се реализира со финансиска поддршка на Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДЧП/EIDHR).

Преку повикот ќе се изберат шест граѓански организации, по една од секој регион. Секоја организација во апликацијата треба да има обезбедено партнерство со едно средно училиште со коешто заеднички и рамноправно ќе ја спроведуваат иницијативата.

Цели на овој повик се:

  • Јакнење на капацитетите на граѓанските организации и средношколците за решавање проблеми од заштитата на животната средина преку кампањи од јавен интерес, лобирање и застапување;
  • Зголемување на притисокот врз јавните институции за решавање на проблеми во животната средина преку вклучување на граѓаните во носењето одлуки засновани на истражување и аргументирани податоци.

Приоритетни теми:

Од граѓанските организации се очекува да предложат решавање локален проблем со кое се скратува основното човеково право на здрава животна средина, преку кампањи од јавен интерес и вклучување на сите засегнати страни.

Иницијативите треба да се однесуваат на една од наведените теми:

  1. Загадување на вода, воздух и почва

Водата, воздухот и почвата се објекти од животната средина кои постојано се загадуваат. Нашата држава секоја година ги урива просечните концентрации на PM честички во воздухот, а загадувањето на реките и езерата со пестициди, органски загадувачи, индустриски отпад и пластика се случува постојано. Овие еколошки проблеми се комплексни и бараат голем ангажман и вклученост на сите чинители.

  1. Искористување на природните ресурси

Со години во нашата држава, кон природата се гледа исклучиво како ресурс, кој ќе е постојано присутен во иднината. Но, неразумното и неоджрливото искористување на природните ресурси (вода, дрва, минерални суровини, лековити растенија и габи) значително влијае врз квалитетот на животната средина. Воспоставување на одржливи практики и третирање на природата, не само како ресурс туку и како мрежа на екосистеми се единствените начини на кои можеме да ја заштитиме природата.

  1. Промоција и заштита на еколошки значајни подрачја и биодиверзитет 

Македонија има мала и недоволно развиена мрежа на заштитени подрачја.  Овие подрачја претставуваат прибежиште на биодиверзитетот и главни места за рекреација и теренска едукација. Постојат многу помали подрачја под заштита на кои им треба помош за подобро управување и проучување.

Активности:

Граѓанските организации може да понудат некои од следните активности, но не мора да бидат ограничени на истите:

  • Истражување базирано на податоци за проценка на локалниот проблем со животната средина.
  • Промовирање на еколошката едукација кај локалната заедница, младите луѓе и другите засегнати страни.
  • Организирање настани и активности за вклучување на граѓаните во донесување одлуки за локални еколошки проблеми.
  • Продукција на медиумски содржини за информирање и презентирање на резултати.
  • Активности за користење правни механизми и судски постапки за заштита на човековите права кои се прекршуваат поради еколошки проблем. *
  • Ангажирање експерти за проценка на ефектите од предложените мерки и политики.

* Белешка: средствата (грантот) не може да се користат за судски процеси, туку за развој на стратегија и аргументирани докази, неопходни за реализација на иницијативата.

Право на учество

На повикот може да аплицираат:

  1. Сите граѓански организации регистрирани во Република Северна Македонија согласно Законот за здруженија на граѓани и фондации, со исклучок на политичките партии и религиозни организации (Здруженијата треба да имаат работно портфолио од минимум две години и да работат на проекти во областа на животната средина);
  2. Неформалните, непрофитни, граѓански иницијативи (групи и движења) исто така може да аплицираат. Граѓанските инцијативи треба да не се поврзани со политички партии и функционери. Во апликацијата, иницијативите треба да назначат координатор кој ќе биде задолжен за реализација на активностите. (Иницијативите треба да имаат најмалку две години искуство во спроведување на различни видови на активности во областа на животната средина).

Услов за двете групи (граѓанските организации/неформалните иницијативи) е партнерство со едно средно училиште од нивниот регион. Од училиштето партнер ќе се очекува да номинира 15 средношколци и да назначи еден наставник (координатор) кои ќе бидат вклучени во предвидените активности, а кои вклучуваат: неколкудневен еко-камп, присуство на настани во рамки на иницијативата, планирање и реализација на кампањата од јавен интерес, завршен настан и сл. Партнерството се докажува со приложено писмо за изразување намера, потпишано од раководните лица во училиштето и граѓанската организација. Доколку организацијата-апликант поднесе апликација самостојно, односно без партнерство со средно училиште од истиот регион, апликацијата нема да се прифати за понатамошна оценка.

Оценување и избор на апликации

Сите апликации ќе се оценуваат според следниве критериуми:

  • административна проверка на комплетноста и точноста на поднесениот формулар за аплицирање и пропратни документи, согласно Листата за проверка. Апликациите кои нема да ја поминат административната проверка нема да бидат прифатени за понатамошна оценка;
  • кохерентност на мисијата и визијата на организацијата со целите на проектот „Локална акција за подобри политики за заштита на животната средина“;
  • јасно дефиниран локален проблем којшто го оневозможува основното човеково право на здрава животна средина;
  • јасно дефинирано решение на локалниот проблем;
  • усогласеност на иницијативата со приоритетните теми, наведени во овој повик;
  • капацитет на апликантот да управува со грантови (искуство во проектен менаџмент, компетентност на тимот).

Шесте грантисти ќе бидат избрани по географска разновидност: едно граѓанско здружение/иницијатива во партнерство со едно средно училиште од еден регион.

Финансиска и друга поддршка

Вкупниот буџет за доделување грантови за граѓанските организации е во висина од 30.000 евра. Преку овој повик ќе се доделат вкупно шест грантови, секој во максимална висина до 5.000 евра во денарска противвредност.

За секој грантист – граѓанска организација и училиште, ИКС и МЕД ќе организираат сет на обуки за развивање план за кампања од јавен интерес, менаџирање на ЕУ мали грантови и менторство за реализација на одобрените иницијативи. Времетраењето на индивидуалните проекти треба да биде седум месеци, не земајќи го предвид периодот за обуки. Севкупната активност со шесте грантисти ќе биде во времетраење од 15 месеци.

Буџетот треба да ги покрие сите трошоци кои се директно поврзани со имплементацијата на планираните активности, вклучувајќи и плати, хонорари, патни трошоци, трошоци за канцелариско работење, за промоција и јавно застапување и сл.

Буџетот треба да го рефлектира партнерството со средното училиште, вклучувајќи ги трошоците на координаторите од училиштето и учениците кои ќе произлезат од реализација на активностите.

Износот на административните трошоци во однос на вкупните директни трошоци на проектот може да биде максимално до 7%. Финансиските плаќања за спроведување активности на  неформалните здруженија ќе се врши преку ИКС.

Подетални инструкции за подготовка на буџетот може да најдете во Упатството за буџет.

Начин на аплицирање

Заинтересираните граѓански организации/иницијативи треба да поднесат:

  1. Формулар за пријавување (преземи овде)
  2. Писмо за изразување намера (преземи овде)
  3. Буџет (преземи овде). Упатсво за пополнување буџет (преземи овде)
  4. Документ за регистрација на организацијата-апликант (скенирана)
  5. Тековна состојба не постара од 6 месеци (скенирана)

Документите треба да се испратат во електронска форма на е-маил адресата: shape@iks.edu.mk; со назнака: Повик за доделување на грантовиШЕЈП“.

 

Краен рок за аплицирање е 16-ти октомври (петок) 2020 год.

Доколку имате прашања поврзани со апликацијата за овој повик, може да ги испратите на: shape@iks.edu.mk, најдоцна до 05.10.2020 год.

Лице за контакт: Лејла Шабан

Email: shape@iks.edu.mk

Тел: +389 2 30 90 004

Оваа содржина е подготвена во рамки на проектот: „Локална акција за подобри политики за заштита на животната средина“ а го реализира Институтот за комуникациски студии во партнерство со Македонско еколошко друштво, со финансиска поддршка на Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР).

Start typing and press Enter to search