Најголемото гнездо во Македонија (Чешиново)

На 23 Мај 2013 година градоначалникот на Чешиново-Облешево го прими признанието за Европско село на штрковите 2013 од страна на Г-дин Габриел Швадерер, извршен директор на ЕуроНатур. Церемонијата се одржа во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Чешиново во присуство на претставници на општината, локалното население, членовите на Македонското еколошко друштво и медиумите. Децата од околните училишта ја збогатија оваа церемонија со цртежи и песнички инспирирани од штрковите кои секојдневно ги гледаат. Ова признание е првиот чекор кон имплементацијата на програмата за зачувување на локалната популација на штркови.

Општината Чешиново-Облешево има една од најголемите популации на штркови со над 70 гнезда начичкани на крововите и бандерите во околните села. Силната врска помеѓу луѓето и овие прекрасни птици е причината поради која општината го доби признанието. Исто така, во селото Чешиново се наоѓа најголемото штрково гнездо во Македонија.

Околните оризови полиња обезбедуваат одлична можност за хранење на штрковите и токму затоа тие густо ја населуваат оваа општина а и локалното население се грижи за нивниот опстанок со следење на состојбата на гнездата и помагање секогаш кога има потреба.

Start typing and press Enter to search