Со учество од над 100 луѓе од полошкиот регион, на 25 мај оваа година на Попова Шапка се одржа завршниот настан на проектот „Промоција на природните вредности на Шар Планина преку едукација за животната средина и инволвирање на засегнатите страни”. Проектот беше спроведен од страна на МЕД како национален координатор и ЦРУЈЖ како локален партнер, со меѓународна соработка на нашиот долгогодишен партнер од Германија Еуронатур, а финансиски поддржан од германската фондација ДБУ.

Официјалниот дел од настанот се состоеше од поздравните говори на Љупчо Меловски како претседател на МЕД, Габриел Швадерер од Еуронатур и Клаудија Домел од ДБУ. Диме Меловски како координатор на овој проект накратко ги презентираше остварувањата на сите апликанти кои спроведоа мали грантови како една од главните активности на овој проект. Традиционална музика, носии, храна, документарниот филм „Очите на Шара” и куклена претстава за најмладите со наслов „Запознај ги Шарко, Марко и нивната дружина” беа дел од репертоарот на неофицијалниот дел од овој настан. Како дел од настанот беше организирана и презентација на секој проект преку штандови на кои посетителите имаа прилика да ги видат достигнувањата и промотивните материјали на вкупно дваесетте проекти финансирани од страна на МЕД.

Настанот медиумски го покрија националните телевизии Сител и Телма, како и локалната телевизија КИСС која воедно беше и дел од малите проекти спроведени на Шара.

Да се надеваме дека оваа активност на МЕД ќе ја доближи идејата за прогласување на Шар Планина за национален парк до локалното население, а со тоа ќе се увидат нови можности за бенефитот од заштитените подрачја и нивното огромно значење.

 

Start typing and press Enter to search