Десет наставници и воспитувачи од Македонија учествуваа на еднонеделна обука за иновативна едукација и истражување во природа во Мејнуд, Ирска од 02-08 јули каде што разменија искуства со своите колеги од  Полска, Словачка, Чешка, Шпанија, Ирска.

Обуката е дел од проектот „Природата овозможува подобар живот“ што го спроведува Македонско еколошко друштво во соработка со пет еколошки невладини организации од Европа, а е финансиран од програмата Еразмус+ на Европската Унија.

„Размената на искуства со колегите од пет различни држави ми покажа дека сите имаме слични методи на работење и сите се соочуваме со истите предизвици. Ова е многу охрабрувачко искуство кое ни отвори нови хоризонти за едукација и соработка.“ – изјави Фанија Јанакиевска, воспитувач од Битола.

„Oваа обука ми овозможи повторно да се почувствувам како дете, да истражувам и да научам нови вештини и информации. Ни недостигаат повеќе вакви искуства“ – изјави Ивона Радевска Горгиевска, наставник од Ресен.

Проектот ги охрабрува едукаторите кои работат со деца од најрана возраст во рурални или помали градски средини да поминуваат повеќе време во природата и да ја изучуваат одблиску. Тимот од шест еколошки организации од Полска, Словачка, Чешка, Шпанија, Ирска и Македонија со поддршка на Универзитетот од Гдањск изработи и мобилна апликација за животот на птиците преселници, иновативни образовни материјали на шест јазици и план за истражувања во природа како дополнување на редовната настава во основни училишта и градинки. Заинтересираните воспитувачи и наставници ќе можат да ги добијат материјалите во Македонско еколошко друштво од октомври годинава а истите ќе бидат достапни и нашата веб страница.

Start typing and press Enter to search