По повеќе од 45 години постоење и делување во полето на заштитата на природата и промовирање на екологијата како наука решивме дека е време да го освежиме логото и да ја модернизираме нашата веб страна. Се надеваме дека со менувањето на имиџот на организацијата ќе станеме поблиски до граѓаните и членовите. Затоа, од денеска, 22 април – Денот на планетата Земја, па сè до 22 мај – Светскиот ден на биолошката разновидност, годишното зачленување во МЕД ќе биде бесплатно.

Овие меѓународни денови се особено значајни за нас бидејќи со децении сме силно посветени на истражување и зачувување на природата, како и нејзино приближување до граѓаните на Македонија.

Нашето ново руво појде од новото лого кое беше избрано од неколку предлози на македонски дизајнери активни на ФБ страната Creative exchange. Логото е дело на дизајнерот Владимир Трајановски од Охрид. Процесот на одобрување на финалното дело траеше подолго од една година, и тоа ги има задржано сите елементи на старото лого во модерна и силно стилизирана форма. Новото лого, како и старото, го претставува интегралното функционирање на биосферата и го соединуваат почвата, водата, сонцето и вегетацијата но, овој пат со помеки линии, чистина и едноставност.

Оваа година МЕД станува и полноправен член на „Брдлајф интернешенал“, најстарата и најголемата глобална мрежа на невладини организации за заштита на природата во светот, којашто е формирана во 1922 година и обединува организации од над 120 земји со над 13 милиони членови и поддржувачи.

Доколку одлучивте да станете наш член кликнете тука!

Start typing and press Enter to search