Рисот е мошне таинствено и претпазливо животно. Со своите добро развиени сетила за мирис, вид и слух, тој оддалеку ќе го забележи секој што му се доближува. Токму затоа и е многу тешко да се види рис во природата. Многумина што виделе рис, тоа најчесто го искусиле од своето возило, кога рисот преминувал понефреквентен пат или кога се движел покрај патот. Малкумина може да се пофалат дека виделе рис во шума.

Стапки од рис

Според тоа, разбирливо е дека рис тешко може да се види, а тоа го усложнува неговото проучување. Сепак, постојат и индиректни начини да се проучи однесувањето на рисот, и со тоа да се стекнат вредни научни податоци. Тоа се прави со испитување траги и знаци што упатуваат на присуство на рис во истражуваното подрачје. Трагите од шепи се добар начин да се потврди присуството на рис. Рисовите оставаат заоблена и несиметрична трага од шепа, на која не се забележуваат канџи. Предните шепи му се покрупни од задните. Сепак, потребно е извесно искуство и стручност, затоа што не сите траги се добро втиснати, зачувани и лесно распознатливи. Многу е важно и на каква подлога чекорел рисот. Свеж снег, кал и песоклива почва се идеални подлоги за добро препознатлива трага. Иако обично не остава траги од канџи во стапката, кога теренот е подзамрзнат, рисот може да ги извлече и канџите за полесно движење. Оттука, неговите траги може лесно да се помешаат со друго животно што минува низ истата територија (на пр., волк, па дури и куче). Освен засебна трага од шепа, и одот, т.е. начинот на чекорење и растојанието помеѓу стапките, може да укажат за кое животно станува збор. Така, рисот се движи праволиниски, додека волкот и кучето обично застануваат лево-десно, па во нивните траги забележуваме „цик-цак“ линија на движење. За време на сезоната на парење, мажјакот и женката рис знаат да се довикуваат со карактеристично пискаво завивање. Со ова иако не може да се дознае точната локација на рисот, може да се препознае дали во пошироката област има рис.

Стапка од рис

Стапка од волк

Еден поверодостоен начин за да се „види“ рис е методот со фотозамки. Фотозамките се камери што се активираат на движење, кога нешто ќе мине низ нивното видно поле. Вака многу лесно може да се добијат слики од различни единки, кои потоа со споредба на шарите на крзното може меѓусебно да се разликуваат. Со оглед дека се мали и релативно безвучни, фотозамките нудат одлична можност да се проучува природното однесување на животното во своето живеалиште, бидејќи самото животно не е свесно за нивната примена. Овие уреди се поставуваат покрај шумски патеки и врвици, каде што се претпоставува дека би прошол рис. За рисот се знае дека сака да користи патчиња и патеки дури талка низ својата територија.

Фотозамка на терен

 

Но заштитата на ова вредно и критично загрозено животно наложува и методи со кои истражувачите ќе можат и одблизу да ја испитаат единката. Ова подразбира заловување на живи единки. Велиме заловување (а не ловење), зашто тука единката само привремено ја заробуваме заради проучување, а потоа ја ослободуваме. За ова се користат кафез-замки. Тоа се справи налик на кутии кои на двата краја имаат подвижни вратички. Кога животното ќе влезе во кафез-замката, постои механизам со кој таа се активира. Овој механизам е поврзан со алармен систем кој при активирање веднаш испраќа сигнал. Штом се прими сигналот истражувачите доаѓаат на самото место и ја проверуваат замката за да утврдат какво животно е заробено во кафезот. Доколку не е заловен рис, животното, веднаш се ослободува.

Ако се потврди дека е заловен рис, следува постапка на успивање на животното и негово испитување. Сето ова се прави брзо и со што помал број луѓе, за да се намали стресот кај животното. Испитувањето подразбира еден систематски преглед, при што на животното му се проверуваат полот, возраста и општата здравствена состојба. Исто така, се земаат и мерки од одделни делови на телото со кои понатаму се прави една „лична карта“ на единката. Додека трае постапката, кај животното постојано се следат телесната температура и дишењето. Исто така се земаат примероци од крв и влакна и соодветно се складираат за натамошна анализа. На крајот на единката ѝ се става околувратник, кој овозможува следење преку глобален систем за позиционирање (GPS) и радиотелеметрија. Следењето со GPS подразбира лоцирање преку сателит, кое на компјутер се добива како локација (точка) на карта. Радиотелеметријата е пратење на радиосигналот што го емитува околувратникот користејќи антена и приемник.

Кафез замка на терен

Споменативе два методи на следење со околувратник се клучни при проучувањето на биологијата и екологијата на рисот, зашто со нив се стекнуваат вредни информации кои инаку не би можеле да ги имаме. Со помош на сигналот што се испраќа на одреден интервал, истражувачите добиваат локации за движењето на единката. Интересно е дека според лоцирањата може да се увиди дали единката се храни на плен, дали има мали, дали само шета. Македонското еколошко друштво (МЕД) веќе со години применува околувратници за следење на единки од рис. Сето свое знаење за овие таинствени животни го има стекнато преку сите овие методи – траги, фотозамки, кафез-замки, и радиотелеметрија и следење со GPS сигнал. Досега МЕД има заловено и ставено околувратник на вкупно десет единки рис.

Почнете да пишувате и стиснете Enter за да пребарате