Во споредба со други самотни животни, се чини дека евроазискиот рис има специфичeн начин на живеење, каде мажјаците имаат огромна територија од шумата населуваат повеќе женки, кои пак зафаќаа помали територии. Индивидуалните територии на мажјаците се многу големи, па понекогаш на рисовите им се потребни недели да ја покријат целата површина. Териториите кои ги поминуваат се разликуваат енормно и се во зависност од густината на пленот, некои територии, се само 100 km2, некои и до 1000 km2. Кај нас, шампион во големина на територија е рисот Деки, чија површина на движење утврдивме дека изнесува 888 km2! Но ова можеби и не позитивна вест. Тоа веројатно се должело на неуспехот Деки да воспостави сопствена територија поради присуството на други мажјаци, па бил принуден да покрива поголеми подрачја.

Рисот Деки

Сепак, од горекажаното разбирливо е дека мажјаците држат големи пространства. Просечната територија на мажјак со воспоставено „кралство“ достигнува и до 640 km2, или површина од околу две урбани Скопја! Во неа тој редовно ги посетува периферните делови. Секој рис избегнува неговата територија да се преклопува со териториите на други машки единки, иако и тоа понекогаш се случува. Но, се случува и еден мажјак да навлезе во туѓа територија, но тоа е главно во сезоната на парење, кога постои силна конкуренција, но и силен нагон да се најде женка. Мажјаците во рамките на својата територија обично не се движат во нејзиниот централен дел, кој вообичаено е просторот каде се движат женките. Наместо тоа, тие ја контролираат зоната околу женките и нивните рисчиња, со што се намалува конкуренцијата за плен, а воедно и ги држат подалеку машките конкуренти. Женките многу повеќе го користат централниот дел на нивниот дом. Иако во територија на еден мажјак може да има повеќе женки, териториите не им се препокриваат. Во време кога имаат подмладок, женките живеат заедно со своите млади во текот на следните 10 месеци.

Збирен приказ на GPS-лоцирања на рисиците Маја, Нарциса, Лиса и Атиџе

Приказ на териториите на сите обележани мажјаци и рисицата Маја

Балканскиот рис е распространет во југозападниот дел на Балканскиот Полуостров. Засега потврдено присуство на ова животно има во Албанија (планината Мунела), Косово (планината Проклетие) и Македонија. За жал, териториите на рисовите од различни земји се расцепкани.

Во Македонија рисот е застапен во западниот дел на земјата: јужните падини на Шара, Бистра, Илинска-Плакенска Планина, Јабланица, Пелистер, Јасен (Јакупица). Популацијата на балканскиот рис е најстабилна во Националниот парк „Маврово“, каде е потврдено присуство и размножување на единки.

Start typing and press Enter to search