На 30 октомври, на хранилиштето за мршојадци на Витачево управувано од здружението „Аквила“ во близина на Кавадарци успешно беа пуштени во природа двата млади белоглави мршојадци кои од глад и изнемоштеност беа пронајдени паднати во Берово пред неколку недели. Акцијата за нивно ослободување беше организирана од МЕД во соработка со здружението „ Аквила“ од Кавадарци и низа државни институции. Птиците се маркирани, опремени со GPS предаватели и безбедно се вратени во природа.

Ова е среќен расплет откако МЕД пред неколку недели доби повик од Здружението за заштита на животни „Про Анима“ од Берово за необична ситуација, односно во два наврати во градот беа пронајдени штотуку пролетани белоглави мршојадци кои не беа во состојба да летаат и талкаа во градот. Во координирана акција Македонското еколошко друштво заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за животна средина и просторно планирање птиците беа безбедно пренесени во Скопје каде што беше извршен ветеринарен преглед и птиците беа сместени во карантин во Зоолошката градина во Скопје со цел нивно опоравување и закрепнување. Откако беше констатирано дека мршојадците се во добра здравствена состојба и се способни да продолжат сами да се снаоѓаат во природата се пристапи кон акцијата за нивно враќање во природата.

Во целиот процес на закрепнување и враќање на птиците во природа освен споменатите организации и институции помогнаа и експерти за мршојадци од Фондот за заштита на дивата флора и фауна од Бугарија и експерт од Фондацијата за заштита на мршојадците од Шпанија. Техничка и финансиска поддршка, вклучувајќи и донација на GPS уреди беше овозможена од Фондацијата за заштита на мршојадци во рамки на Балканскиот проект за борба против отрови. GPS уредите ни помогаат да добиваме редовни информации за лоцирање на овие единки, податоци кои потоа ги користиме за научни цели.

Белоглавите мршојадци се критично загрозен вид во нашата земја и се заштитени со Законот за заштита на природата како и со Законот за ловство но за жал нивните бројки се во континуиран пад. Во моментов во земјата можат да се сретнат едвај 5 гнездечки пара па оттаму секоја спасена птица може да направи огромна разлика во опстанокот на овој вид во Македонија. Македонското еколошко друштво сака јавно да се заблагодари на сите здруженија и поединци кои се заложија да се спасат овие птици и безбедно да се вратат на слобода каде што припаѓаат.

Start typing and press Enter to search