Канцеларијата на МЕД во Преспа организира серија предавања насловени како „Дивата страна на Преспа“. Целта на кусите презентации е да се запознаат заинтересираните (особено локалното население и младите) со поимот мониторинг на биодиверзитет и потребните вештини за негово изведување. Темите се обработувани преку примери од различни групи организми (птици, влекачи, растенија, итн.) во голема мера од самата Преспа. Преку овие примери ќе се увиди дека без правилен мониторинг не може да знаеме каква е суштинската ситуација во која се наоѓаат организмите кои ни се од интерес, но воедно и ќе се увиди дека мониторингот не е само за биолози и еколози, туку во огромна мера зависи од самоиницијативата на љубителите на природа.

Во жешка точка на биодиверзитетот, како што е Преспа, ваквата инволвираност лесно може да открие изненадувачки факти за биодиверзитетот кои и најмалиот љубител на природата ќе го навлечат на оваа „здрава зависност“. Неминовна последица е што научените вештини лесно ќе можат да откријат и можности за потенцијална кариера како биолог, еколог, помошник на терен, научник, или едноставно страстен љубител на природата. Во време кога меѓународните ресурси и интерес за екологија и заштита на биодиверзитетот се во огромна мера вперени токму во Преспа, нема подобро потрошено време од она поминато во локално вклучување и запознавање со биолошко/еколошки вештини! Следната презентација од серијата „Дивата страна на Преспа“ ќе биде следната среда (20 март) во канцеларијата на МЕД во Ресен на тема влекачи во Преспа. Повеќе детали за настанот имате тука Предавањата „Дивата страна на Преспа“ се поддржани од Фондот за природа Преспа-Охрид (ПОНТ) и општина Ресен.

Start typing and press Enter to search