Деновиве во Бугарија беше поставен првиот GPS предавател на белоглав мршојадец со цел детално да го следиме неговото движење што ќе придонесе кон рано предупредување за незаконско труење. Оваа технологија овозможува да ги пронајдеме и спасиме затруените мршојадци како и да обезбедиме информации за гонење на сторителите. Намалувањето на ефектот од труењето на диви животни е основа за зачувување на природата и особено на мршојадците.

Обележувањето на мршојадецот го изврши тимот на Фондот за дива флора и фауна (FWFF) во клисурата Кресна во Бугарија. Колегите ја крстија оваа птица „EXTREME“, не само поради маркицата на крилото кое ги има буквите EX, туку и поради тоа што овој мршојадец беше еден од најтемпераментните и пружи најмногу отпор. Белоглавите мршојадци секогаш се спротивставуваат кога се фатени, но оваа единка беше исклучително борбена. Според обојувањето на перјето знаеме дека „EXTREME“ е млада птица која се испилила во 2019 година. Една од нашите цели е да обележиме колку можеме повеќе белоглави мршојадци од Кресна поради тоа што многу птици од Хрватска, Србија и Македонија презимуваат таму.

Белоглавите мршојадци се социјални птици кои летаат во јата и се доста успешни во лоцирање на мртви животни со помош на добро развиениот вид . Оваа приспособување овозможува брзо да ги конзумираат труповите од животни и со тоа спречуваат ширење на заразни болести и придонесуваат кон чистата животна средина. Но во исто време значи и дека доколку трупот е затруен, голем број белоглави мршојадци ќе настрадаат од само една отровна мамка.

За ефективно следење на овие настани, потребно е да се означат барем по 5 птици од секоја гнездечка колонија. Ние очекуваме да обележиме 25 белоглави мршојадци со цел интензивно следење на движењето и однесувањето на овие птици. Дополнително, во тек е изработка на мобилна апликација со што ќе се овозможи пристап и до претходно обележаните белоглави мршојадци овозможувајќи на сите партнери на проектот ефеикасно следење и намалување на заканите со кои се соочуваат загрозените видови птици.

Како знаеме дека некој мршојадец е затруен?

Да претпоставиме дека температурата на една птица опремена со GPS предавател нагло падне, или птицата не се поместила подолго време. Во овој случај, предавателот ни дава сигнал дека нешто не е во ред со птицата и ни овозможува брза реакција на терен. Со ова, очекуваме дека ќе успееме да спасиме голем број мршојадци како и други диви животни од труење со истата отровна мамка. Дополнително, доколку се работи за незаконско користење отров, ќе овозможи и брзо спроведување на истрага што е клучно за изнаоѓање на сторителите.

Start typing and press Enter to search