Годината која измина беше, во најмала рака, чудна. Еден добар начин на кој беше чудна е бројот на ретки птици кои беа забележани низ Македонија. Иако ние од во МЕД истражувањата ги правиме по строго определени методологии и се фокусираме на научната цел не можеме а да не се израдуваме малку повеќе кога ќе најдеме птица која ретко се гледа кај нас!

Птицата со која се отвори сезоната не е многу поголема од врапче но нејзината приказна е многу повозбудлива.

Снежна стрнарка, Plectrophenax nivalis

Снежна стрнарка

Снежна стрнарка. Слика на Славчо Костоски

Оваа стрнарка гнезди долж Арктикот а во зимата се спушта кон Централна Европа, досега беше забележана во Црна Гора и Србија, но ова е прво нејзино забележување во Македонија. Обојувањето ѝ овозможува лесно да се вклопи во снежните средини во кои живее а како вистинска птица на зимата оваа убавица носи и пердуви на тарзусите („нозете“). Овие пердуви се морфолошка адаптација која ја помага терморегулацијата во суровите услови во кои живее.

Снежната стрнарка прв ја виде Славчо Костоски од Планинарскиот клуб Љуботен во април. Додека планинарел во близина на врвот Љуботен ја сликал птицата која му се видела различна и интересна и сликата ни ја прати нам. Можете да замислите каква беше возбудата помеѓу „птичарите“.

По само еден месец ја имавме следната голема возбуда.

Ибис, Plegadis falcinellus

Ибис

Ибис. Слика на Славе Накев

За време на редовни теренски истражувања во Езерани забележавме осум сјајни темно обоени птици со препознатливи клунови. Веднаш се знаеше дека тоа се ибиси, за прв пат по 1966 година. Уште поинтересно е дека овие птици беа на нашата страна од Преспанското езеро во гнездечката сезона т.е. до август, период во кој тие треба да бидат на грчката страна. Во координација со нашите колеги од Грција дознавме дека ибисите се отсутни на нивната страна.

Во август следеа најголемите ѕвезди на годината, птиците кои беа светлата страна на Преспа за 2020 и кои ги инспирираа најдобрите птичји вицови на твитер.

Розево фламинго, Phoenicopterus roseus

Розево фламинго

Розево фламинго. Слика на Данка Узунова

Оваа птица можеби не е толку ретка глетка во Македонија (забележана за прв пат на Преспа во 1995 година и уште 3-4 пати на различни водни тела низ југот на државата) но дефинитивно е една од највозбудливите. Птицата ја забележавме за време на редовни теренски истражувања во Езерани и веднаш пративме слики до тимот на МЕД. Ваква вест не можеше да не се сподели па наскоро цела Македонија ѕунеше за фламингата од Преспа. Иако фламингата ги поврзуваме со тропски дестинации тие со години гнездат во нашето соседство. Во Преспа се задржаа три недели и уживаа во плитката вода во која лесно можат да стигнат до храна.

Заедно со розовите фламинга пристигнаа и едни помалку славни водни птици кои кај нас се видено само десетина пати, а во Преспа последен пат во 1989.

Сабјарка, Recurvirostra avosetta

Сабјарка

Оваа птица името го има добиено по обликот на клунот и тоа е единствениот пример за клун кој за закривен нагоре. Со ваквиот клун таа успешно лови во плитка вода „косејќи“ ја површината на водата со што ги размрдуваат мекотелите и црвите кои се закопани плитко во мекото дно.

Последните две птици кои предизвикаа голема возбуда помеѓу „птичарите“ беа видени само благодарение на напредните технологии кои денеска се користат за следење на птиците. Па така, во октомври дознавме дека во близина на акумулацијата Мантово се наоѓа:

 

 

 

Мала белочелна гуска, Anser erythropus

Мала белочелна гуска

Мала белочелна гуска. Слика на Славе Накев

Ова е прв пат мала белочелна гуска да се забележи во Македонија! Информацијата за оваа птица ја добивме од колегите од BirdLife Норвешка кои му го дале името Mr. Blue. Mr. Blue бил заловен на 24-ти мај во близина на блатата Валдак каде бил означен со ГПС околувратник кој е програмиран да ја испраќа локацијата на птицата на секои 6 часа. Со помош на овие податоци научниците можат да разберат многу работи кои досега биле непознати за овој вид, како што се миграторните патишта, изборот на места за гнездење, големината на територијата во сезона на гнездење и слично. Овие податоци се важни за да се обезбеди нејзин безбеден опстанок.

Оваа гуска по големина е послична со дивата патка и има препознатлив розев клун и светло портокалови нозе. Гнезди во најсеверните делови на Европа но за време на зимската миграција долетува во јужните. За време на миграцијата овие птици избираат заблатени места каде можат да одморат и да се нахранат. Затоа намелениот водостој на акумулацијата и излевањето на р. Лакавица од која што се полни акумулацијата Мантово создале поволни услови за одмор и исхрана во Македонија.

Во ноември следеше едно потсетување на далечното минато. Истребени од Македонија уште во минатиот век овие птици сега на вештачки начин се враќаат во Бугарија па повторно можат да се видат и на нашето небо.

Црн мршојадец, Aegypius monachus

Црн мршојадец

По дојава од страна на Фондот за дива флора и фауна дознавме дека Рига, црниот мршојадец кој носи ГПС предавател е во Македонија. Нашиот тим веднаш замина кон селото Ќесендре, во близина на Тиквешкото езеро да ја бара. Меѓутоа патот кон Ќесендре за време на обилни врнежи се покажа полош од очекуваното и моравме пешки да ѝ се прикрадуваме на Рига за која знаевме дека спие. За жал, калта, напорниот терен и општото лошо време ни дозволи да стигнеме токму во моментот кога Рига летна кон небото и замина во далечината. Иако птицата ја забележавме од големо растојание, лесно ја идентификувавме по екстремно широките крилја и црното тело.

Рига остана во Македонија само еден ден, веќе следниот ден беше во Бугарија по цел месец поминат на Алпите.

 

Start typing and press Enter to search